Карневал во Струмица

Брачниот пар Натка и Орце Спасови од карневалската група „Живи мртовци“ се принц и принцеза на Струмичкиот карневал.

Оваа одлука ја донесе жирито на синоќешниот маскенбал, што се одржа во Хотелот „Сириус“ во Струмица.

 

– Со голема чест и задоволство го примаме признанието и ќе бидеме достојни на задачата успешно да ја предводиме големата карневалска поворка, рече принцезата Натка.

Тие вечерва заедно со кралот и неговата свита ќе ја предводат поворката на Интернационалната карневалска вечер.

Со оро, чочек, рок, староградска музика и танцот од Аруба, но и со маски и костуми какви што беа „Струмички пеперутки“, „Живи мртовци“, „Шкотланѓани“, „Лажица и бунела (вилушка)“, „Гусари од Хрватска“, „Девојки со чадори“, „Снегулки“ и многу други поединечни маски направени со многу труд и љубов беше најавен главниот настан на Струмичкиот карневал.

Маскенбалот уште еднаш потврди дека тој е единствено мерило за квалитетот на кулминацијата на струмичките карневалски празнувања.

– Очекуваме едно извонредно издание на Струмичкиот карневал и ќе потврдиме дека не сме случајно избрани меѓу седумте најатрактивни зимски настани во Европа, рече претседателот на Организациониот одбор на Струмичкиот карневал, Александар Цицимов.

Неговото мислење го дели и претседателот на Европската федерација на карневалските градови, Фердинад Ван дер Крон.

– Јас сум голем поддржувач на вашиот карневал и многу сум среќен кога гледам како од година во година е се поголем и поубав. Очекувам успешно издание на главната карневалска вечер, рече Крон.

Најголемо внимание кај учесниците на маскенебалот привлекоа гостите од холандскиот остров Аруба, кои настапија со нивниот танц „сако“ во атрактивни костуми.

– Ние и лани бевме на Струмичкиот карневал. Годинава сме побројни. Нашата карневалска група брои педесет членови и ќе се претставиме со нашиот танц „сако“, кој е мешавина од музика и танци од Тринидад и Тобаго. Ги покануваме сите да дојдат на плоштадот во Струмица и да го проследат нашиот настап, но и да останат потоа и да уживаат во нашата музика и игра на „Ноќ на Аруба“, рече Саира, водач на карневалската група од Аруба.

Домашните учесници со голема радост зборуваат за учеството на маскенбалот и главната карневалска вечер.

– Мене единствен мотив да учествувам ми е да бидам нешто друго во споредба со останатите 364 денови во годината, рече Наташа Донева.

На маскенбалот присутвуваше и градоначалникот на Струмица Коста Јаневски.

-Ова ми е прва година како градоначалник и покровител на Струмичкиот карневал да се појавам на маскенбалот, кој е увертира во претстојниот голем карневал. Очекувам добра забава, а гостите да си поминат убаво, рече градоначалникот Јаневски.

На денешната Интернационална карневалска вечер, која почнува во 18,30 часот, ќе учествуваат околу две илјади учесници распоредени во 41 група од земјава и странство.

Жири комисијата ќе ги оценува нивните креации, а за најдобрите во повеќе категории се предвидени парични награди.

Translate »