Совети за убав престој во Дојран
Дојран е туристичка дестинација не само за македонските граѓани, туку и за посетители од други земји кои транзит минуваат од ова мало гратче кое покрај преноќиште нуди и добра храна.
Ако доаѓате во Дојран можете да купите намирници од маркетот до хотелот Македонија,но внимавајте некои производи се поевтини во дуќанчето што се наоѓа на 20-на метри од маркетот.
Сакате да седнете на ручек во некоја од локалните кафеани. Централно се наоѓа познатата Фук-так, но маана на оваа кафеана е што е на улица, и нема провев, иако храната не е лоша.
Но ако сакате да јадете свеж и многу вкусен крап , го поминувате пазарот , и на 50-на метра на самата главна улица од лева страна ќе видите натпис Нота.
Ресторанот е со поглед на езеро , пирка ветре, и со храната нема утка. Во ресторанот ќе забележите многу посетители од Грција и Србија кои специјално доаѓаат на добар крап, чорба од риба и друга вкусна храна. Во оваа кафеана покрај крапот како специјалитет се нудат и ќофтиња од икра, но секако и друга скара по мерак за секој.
Ако сакате пак да јадете пица ќе одите во Президент или Луна, овие две пицерии се наоѓаат една до друга во близина на автобуската станица. Но едната пицерија малку подобро ги прав пиците, а тоа е Луна.
За љубителите на убаво кафе Дојран не е дестинација. Само на едно место се приготвува убаво инстант кафе, а тоа е кафулето РЕ-ФОРМ кое се наоѓа на централно место на 20 -метри до Јаворите, а има и добар сигнал за ви-фи.
Овде може и на брзина да прикаснете некое сендвиче. Исто така, ова кафуле се наоѓа и на добра локација веднаш над езерото, каде и да седнете на ова место гледате кон езерото.
Климата е одлична, медитеранска, Дојран е на воздушна линија 60-тина километри од Егејското море. Иако водата во езерото се врати, се уште треба да се вложува во подобрувањето на неговата состојба. Секако главен проблем е загадената вода, и нечистотијата во градот бидејќи никој не може да исчисти колку што несовесните можат да загадат. Секако, има големо подобрување и со расчистувањето на сметот.
Дојран со своите алги, и чист воздух е воздушна бања, лековито место кое треба повеќе да го негуваме и сакаме. Бидејќи вакви места и немаме многу.