Павлопулос качен на тенк им се закани на Македонија и на Турција
За време на вчерашната посета во Јанина, каде што присуствуваше на церемонијата по повод одбележувањето на 105-годишнината од ослободувањето на градот од османлиското владеење, претседателот на Република Грција, Прокопис Павлопулос, испрати јасни и строги пораки до Македонија и до Турција.
Качен на тенк, грчкиот претседател ги повика соседните земји да го почитуваат меѓународното и европското право.
„Ние Грците сме народ и нација на мир и демократија, знаеме како да се браниме кога е потребно и против сите… Грција е мирна сила која ги почитува своите пријатели, но никогаш не се плашеше од своите непријатели, а нејзините вооружени сили се во позиција да го докажат тоа во секое време“, порача Павлопулос.
Во врска со тековните преговори со Македонија околу името, грчкиот претседател истакна дека Грција ја поддржува европската перспектива на соседната земја и НАТО, но нема да толерира иредентизам.
„Името што сакаат да го користат и кое е и во нивниот Устав е име што брутално ја фалсификува историјата и поради тоа зрачи со ирационалност, не е во согласност со меѓународното право, со Повелбата на НАТО и со европското законодавство“.
Павлопулос ја повика Македонија да ја почитува историјата и да го ревидира својот Устав за да се приклучи кон Европска унија и НАТО.
Коментирајќи го вмешувањето на Турција околу идното име на Македонија, грчкиот претседател порача дека „на нашите соседи не им се потребни адвокати, а ако имаат такви, не им прават добро“.
Павлопулос во врска со затегнатоста во Егејско Море нагласи дека Турција мора да ги почитува Договорот од Лозана и Законот за море.