Истанбул е град на колективна амнезија – Разговор со светски познатата писателка Елиф Шафак

Истанбул е жена – активен играч!. Град на конфликти и отпор. Но алчноста го уништува Истанбул…..

 

Познатата турска писателка зборува за својот најнов роман Трите ќерки на Ева, за ослободувањето на верата од религијата, за љубовта кон Истанбул и за креативните придобивки на самонаметнатиот прогон

Елиф Шафак е најчитаната турска писателка во светот. Таа е виедно е и политички критичар. Трите ќерки на Ева е моќен, длабок и контемплативен роман за три жени од Блискиот Исток со мошне различни гледишта, што студираат на Оксфорд.

Кога Истанбул би бил личност, како би го опишале?

– Истанбул е жена – активен играч. Град на конфликти и отпор. Но алчноста го уништува Истанбул – каде и да одите, гледате гентрификација без планирање и без никаков однос кон историјата на градот.

Во вашиот говор на глобалната конференција ТЕД, со наслов Политиката во фикцијата, велите дека понекогаш критичарите ве категоризираат, очекувајќи од вас да пишувате тажни приказни за муслиманите. Зошто е тоа така?

– Тоа се должи на политиката на идентитети –  за жал, нашето општество сè повеќе заличува на племе. Како да се очекува од еден писател да ја раскажува приказната на племето од кое потекнува. Да, јас сум Турчинка, но и уште многу други работи. Во фантазијата гледам стремеж за надминување на границите. Кога пишуваме, можеме да имаме повеќе лица.

Трите ќерки на Ева е наедно и размисла за верата. Дали и вие, исто како вашиот лик Пери, го доживувате Бог како измамник?

– Либералните левичари не успеаја да се осврнат на секуларните аспекти на верата. Верата не мора да биде само религиозен поим. Кога се преселувате во друга земја водени од неразумен порив, тоа е секуларен чин на вера. Кога почнувате да пишувате роман, а немате поим дали ќе биде добар, тоа е секуларен чин на вера. Кога се вљубувате а не знаете дали таа личност ќе ви донесе среќа во животот, но сепак се впуштате во врска – тоа е секуларен чин на вера. Не сакам религиите да ни ја узурпираат верата. Сакам да ни се врати верата како поим.

Родена сте во Стразбур, како ќерка на самохрана мајка како тоа се одрази врз вас?

– Тоа имаше огромно влијание врз мене. Ретко го гледав татко ми. Ги запознав своите двајца полубраќа кога имав дваесетина години. Морав да се справам со фактот дека сум „другото“ дете. Тој беше многу добар татко кон своите синови, но лош татко кон мене. Ми требаше долго време за да прифатам дека некој може да биде успешен на многу полиња, а да потфрли на едно. Кога мајка ми се врати на студии, ме чуваше баба ми. Ја викав ане –  мајка на турски, а мајка ми ја викав абла, дада.

А потоа мајка ви стана дипломатка…

– Тоа беше невообичаено, но таа учеше посветено, беше лингвист по професија. Никогаш повторно не се премажи. А можеше да си го дозволи сето тоа благодарение на поддршката што ја добиваше од мојата понеобразована баба.

Кога сфативте дека ќе станете писателка?

– Почнав да пишувам рано зашто бев осамено дете. Животот ми беше здодевен, светот што си го создавав ми беше многу поразнобоен. Свесна сум за привлечноста на земјата на сказните. Стефан Цвајг пишува за нагонот да се повлечеме во пишувањето кога светот побудалува. Го разбирам тоа, но верувам дека ни е време нам писателите да излеземе од своите кожурци и да се искажеме.

Карактеристичен лик во вашиот роман е харизматичниот професор Азур. Имавте ли на ум некој учител што ви оставил силен впечаток?

– Јас не верувам во херои. Луѓето честопати ме прашуваат кој од женските ликови во романот најмногу личи на мене –  грешницата, верницата или збунетата. Јас не сум ниедна од нив. Да ви одгатнам една тајна, сакам да се прикривам во своите машки ликови. Токму во професорот сакав да скријам еден мал дел од себе.

Како вашиот роман Копилето од Истанбул ве доведе пред судот во Турција во 2006 година?

– Истанбул е град на колективна амнезија. Нашата историја изобилува со дупки во сеќавањето, секој нов естаблишмент што доаѓа на власт почнува со бришење на наследството на својот претходник. Пишувам за малцинствата и сакав да се осврнам на неизговорливите трагедии од минатото, да ја искажам својата тага за ерменскиот геноцид, да се обидам да го премостам јазот. Романот наиде на голема читателска публика во Турција, но ме нападнаа националистичките медиуми и ме одведоа пред суд според член 301, што наводно ја брани честа на Турција од навреди. Овој член е толку нејасен што никој не знае што значи. Судењето траеше цела година. Имаше групи на улиците што палеа европски знамиња и плукаа по моите слики. Бев ослободена од обвинението, но тоа беа мошне бурни времиња. Морав да живеам со телохранител,  што ми беше просто незамисливо. А она што ми го правеше целото искуство уште понестварно беше тоа што првпат во Турција се судеше едно фиктивно дело. Мојот турски адвокат требаше да ги брани моите фиктивни ерменски ликови во судницата.

Во вашиот роман, Мона носи шамија во знак на пркос – како вие ја доживувате нејзината положба?

– Многу жени прашуваат: зошто некои жени решаваат да си ја покриваат главата? Мора да го разбереме ова прашање, но и многу други. Ова е еден од најголемите предизвици за феминизмот денес. Најзагрижувачки е тоа што кога жените се поделени на категории, корист извлекува машкото статус кво – патријархатот. Насекаде на Блискиот Исток тоа претставува огромен проблем, затоа што жените живеат како острови. Конзервативните жени со шамии се еден остров, секуларните модерни жени се сосем друг. Не гледаат дали имаат нешто заедничко. А кога би биле сестри, би можеле да предизвикаат толку многу големи прашања.

 

Како ја доживувате својата турска читателска публика?

– На потпишувањето книги доаѓаат феминистки, либералки, забрадени жени, суфијки, Куртки, Ерменки, Гркинки, припаднички на ЛГБТ заедницата. Можеби не кршат леб заедно, но сепак нивната разноликост многу ми значи. Политичката елита секогаш ме оцрнувала. Да бидеш турска писателка е како да добиеш шлаканица по едниот образ, а бакнеж по другиот.

 

Дали го чувствувате Лондон како свој дом?

– Да, но сфатив дека можеме да имаме преносливи татковини. Тажно е да живеете во самонаметнат прогон, но од друга страна, тоа ве збогатува и интелектуално и духовно. Секогаш ќе го носам Истанбул во срцето.

Оригиналното интервју можете да го погледнете тука.

Translate »