Саркози: Животот ми стана пекол
Поранешниот претседател на Франција, Николас Саркози, изјавил дека обвинувањата за финансирања на неговата кампања во 2007 година од тогашниот либиски претседател Моамер Гадафи му го направиле животот пекол, објави Би-би-си.
„Обвинет сум без ниту еден физички доказ“, рекол Саркози.
Тој е под истрага за незаконско финансирање на изборната кампања во 2007, злоупотреба на либиски јавни фондови и пасивна корупција. Саркози (63) ги негира обвинувањата.
Централно-десничарскиот политичар, кој беше ослободен вчера од притвор, откако помина два дена на распит, изјавил дека либиските обвинители бараат одмазда за неговата одлука за распоредување француски воени авиони за време на бунтот во кој беше соборен Гадафи во 2011 година.
Еден од поранешните министри во владата на Саркози и близок пријател, Брајс Хортефу, исто така беше на распит во полиција. Францускиот весник „Фигаро“ ја објави целосната судска изјава на Саркози пред француските истражители.
Во изјавата се наведува дека тој е свесен дека обвинувањата против него се сериозни, но дека се работи за клевета и дека животот му станал пекол уште од 11 март 2011 година, кога за првпат беа направени тврдењата од Гадафи.
„Никогаш не сакав да ги избегнам обврските во моите контакти со моите пријатели, колеги и сите луѓе споменати во оваа постапка”, рекол Саркози додавајќи дека никогаш не се обидел да влијае на нивните изјави или врз пресудите.
Франција во 2013 година отвори истрага под сомнение дека кампањата на Саркози примила милиони евра од незаконски финансиски фондови на Гадафи.
извор Макфакс