Виталиа меѓу првите компании што го поддржаа системот за донирање на храна
Во почетокот на месец април започна со реализација првиот систем за донирање на храна од страна на компаниите во Македонија.
Во рамки на проектот, меѓу првите компании што се вклучија во системот за донирање на храна е Виталиа со донација од 610 килограми прехранбени продукти донирани во 10 хуманитарни организации.
„Виталиа сo задоволство се приклучи кон оваа иницијатива и го поддржа проектот „Ајде Македонија“ со донација на 610 килограми здрава храна за лицата на кои им е потребна. Со оваа донација, се овозможува оброк за околу 2.500 лица. Виталиа ќе продолжи да ги поддржува ваквите активности со надеж дека храната повеќе никогаш нема да завршува на депониите, додека во државата има гладни сограѓани“ – изјави Сања Скепаровски, маркетинг менаџер во Виталиа.
Овие производи ќе им се поделат на луѓето на кои им е потребна помош. Според истражувањата и сознанијата од граѓанското здружение „Ајде Македонија“ 450.000 жители во Македонија живеат со еден оброк на ден.
Од граѓанското здружение „Ајде Македонија“ додаваат: „Започнавме преговори со големите македонски компании од прехрабената индустрија, за кои очекуваме да се вклучат во големата мрежа за донирање и распределување на донирана храна. Во првата година, планот е да обезбедиме 20.000 најзасегнати граѓани со доволно храна, со надеж дека понатаму оваа иницијатива ќе прерасне во национален систем за донирање на храна.“
Виталиа постојано учествува во хуманитарни акции, но компанијата исто така придонесува во едукацијата на децата за здрава храна и здрави навики.
Посветени на едукација и запознавање на потрошувачите со бенефитите од здравата храна, преку проектот „Петка за здрава храна“ Виталиа постојано организра едукации во градинките и училиштата, што навистина допринесува за менување на навиките на децата во однос на храна.