Шапуриќ во Куманово го промовира владиниот план за финансиска поддршка на инвестициите
Денес, министерот задолжен за регулатива за подобрување инвестициска клима за домашни претпријатија проф. д-р Зоран Шапуриќ, беше во работна посета на општина Куманово. Таму, тој посети неколку компании, помеѓу кои и Кланица БДА Компани, и чевларите Де Марко и Ми Мар. На средбите министерот подетално им го претстави Планот за економски раст како и Законот за финансиска поддршка на инвестициите, кој веќе го изгласа Собранието на Република Македонија, и дека во најскоро време ќе се донесат и Правилниците кои ја уредуваат постапката за поднесување документи за остварување право на финансиска поддршка според овој закон. Од друга страна пак, менаџментите на компании ги претставија проблемите со кои се соочуваат при тековното работење, како и плановите за иден развој, инвестиции и воведување на нови производни линии. Во овој контекст, од компанијата БДА беше презентирана новата најсовремена лабораториска опрема која ја набавиле, и која треба да биде акредитирана за испитување на сите прехранбени производи и пијалоци.
Во составот на делегацијата со министерот Шапуриќ заедно беа и државниот секретар во Министерство за економија Зоран Павловски и директорот на Агенција за поддршка на претприемништвото на РМ Иле Митковски. Исто така, министерот Шапуриќ ја посети и општината, каде имаше средба со Градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски.