Ципрас од Солун: Имаат државен ентитет што 70 години се вика Македонија, а немаат врска со Александар Велики

Грчкиот премиер Алексис Ципрас од Солун, по средбата со солунскиот градоначалник, Јанис Бутарис порача дека во преговорите не одат да го дадат  името Македонија, како што тврдат некои, туку одат да земат назад нешто што е дадено пред 70 години.

Грчкиот премиер не дал информации за актуелните преговори во Њујорк, туку одговорил на обвинувањата на грчката опозиција дека Владата го дава името Македонија, објави МИА.

„Имаат државен ентитет што 70 години се вика Македонија, а немаат никаква врска со Александар Велики и со овој историски тек. Имаат словенски и албански корени и го признаваат тоа. Што значи, ако добиеме одредница пред името Македонија е голема победа и уште поголема да се договориме дека едно е нашата Македонија што доаѓа од долгата традиција на грчкиот антички свет, а друго е нивната традиција и нивниот културен знак“- изјавил Ципрас.

Ципрас смета дека името без одредница, „упатува на античкиот грчки свет и на големото културно наследство на грчката Македонија“, а во преговорите Атина се стреми ова да го добие назад, нешто што според Ципрас, „не е лесно“.

Тој додаде дека е време двете земји да постојат заедно, да соработуваат и да живеат во мир во корист на целиот регион.

Translate »