ВМРО-ДПМНЕ: Документот со критики е доказ за неуспехот на владата на СДСМ

Документот со критики од неколку земји од ЕУ кои бараат одложување на преговорите за Македонија, според ВМРО ДПМНЕ е доказ за неуспехот на владата на Зоран Заев. Од оваа партија го обвинуваат Заев оти дал лажни надежи дека земјата може да добие датум за преговори во јуни. Според ВМРО ДПМНЕ, реформите не постојат, туку постои партизацијата и злоупотребата на институциите. Унијата гледа што се случува во Македонија и тврдењата дека опозицијата е виновна за се и тоа да се пласира во јавноста, повеќе не поминува, вели портпаролот Наум Стоилковски.

Веднаш реагираа од СДСМ од каде велат дека ВМРО ДПМНЕ наместо да манипулира со невистини и да навива за неуспех на државата, да им се извини на граѓаните и да ги поддржи реформите.

„Наместо да се обидат да манипулираат со јавноста, во ВМРО ДПМНЕ треба да бидат добро информирани, да го читаат извештајот на Европската Комисија за напредокот на Република Македонија. Таму ќе видат дека Европската Комисија констатирала прогрес во сите сфери. Извештајот на ЕУ дава кристално чиста препорака за Македонија. И се допаѓа или не на ВМРО ДПМНЕ, Македонија е на прав пат и ова го гледа целиот демократски свет и земјите членки на ЕУ. Македонија чекори напред и ова го признаваат сите освен опозициската ВМРО ДПМНЕ“, стои во реакцијата на СДСМ.

Според партијата на Заев, времето на неуспех за Македонија заврши со заминувањето на ВМРО ДПМНЕ од власт и сега Македонија чекори напред и враќање назад нема.

Translate »