Коѕијас: Името не е работа на Светиот синод на Грчката православна црква и добро би било да не се меша

Името не е работа на Светиот синод на Грчката православна црква и добро би било да не се меша, рече грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕијас,  во интервјуто за ЕРТ, говорејќи за црковниот аспект на прашањето и ставот на ГПЦ.

„Како граѓани ги засега, но како институција не е нивно прашање“, вели Коѕијас и, како што пренесува МИА, објаснува дека кога ГПЦ одлучи да ги поддржи протестите на почетокот на годинава „Светиот синод знаеше дека се во тек преговори меѓу црквата на Скопје и Вселенската патријаршија и требаше да го почитува тоа“.

„Дали ќе се признае автокефалност или што било друго на една црква е прашање на Вселенската патријаршија, не е тема на Светиот синод на црквата на Грција, не е нивен предмет. Штом е почнато решавање на прашањето добро е да не се мешаат и нека остават да се реши, а уште подобро би било да го поддржат ова решение“, рече Коѕијас и откри дека преговорите меѓу МПЦ и Вселенската патријаршија траат една година.

Коѕијас исто така објасни дека Вселенската патријаршија разговара за признавање на Македонската православна црква под името Охридска архиепископија.

„Преименувањето на Македонската православна црква во Охридска архиепископија би требало да се поздрави. Би требало да им се даде награда на луѓето од Скопје за размислувањето, за храброста, одново да се вратат на нивното традиционално и непровокативно име“, вели Коѕијас.

Translate »