Тројца гинеколози ја прегледувале Јанкуловска по налог на судијката
Тројца гинеколози и еден педијатар, биле дел од комисијата која била формирана за прегледот на поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, на Клиниката за гинекологија.
Терминот за преглед бил закажан за попладнево во 14 часот. Како што дознаваме, Јанкулоска дошла на прегледот, истиот завршил, по што таа си заминала од Клиниката.
Комисијата која ја прегледувала по екс министерката ја сочинувале гинеколозите Ана Данева, Иво Ќаев и Горан Кочовски, како и педијатарот Елизабета Зисовска.
Целта на прегледот е да се утврди ризичноста на бременоста и уште колку време има до породување. Налогот за преглед го издаде судијката Добрила Кацарска која го води предметот „Тенк“ за начинот на набавка на блиндираниот мерцедес, каде обвинета е Јанкулоска. Таа испратила писмо до Гинекологија каде потоа била формирана и комисија што ја прегледала.
Јанкулоска е во деветиот месец од бременоста, таа не се појави на последното закажано рочиште за „Тенк“, по што Кацарска даде налог за дополнителен преглед.
Поранешната министерка за овој случај напиша и отворено писмо до министерките за труд и социјална политика и за правда, Мила Царовска и Рената Дескоска бидејќи, како што вели, има груба повреда во остварувањето на нејзините права во областа на судството и заштита на правата на децата и жените. На тоа министерките одговорија дека не се мешаат во судството. Царовска посочи дека Јанкулоска ќе биде третирана според законот како и сите други граѓани, а Дескоска порача дека времето на судии од тефтерчиња е завршено.
Инаку, за екс министерката, постапката во случајот „Тенк“ беше одвоена. Во меѓувреме, за останатите двајца обвинети Кацарска досуди затворски казни, на поранешниот премиер Никола Груевски во траење од две години, а на екс помошник министерот во МВР, Ѓоко Поповски, од шест години и шест месеци.