Пратениците ќе го разгледуваат договорот со Грција, пред Собранието најавени протести

Единствена точка на дневен ред на денешната собраниска седница е  Предлог-закон за ратификација на Договорот со Грција за името.

Координациите за денешната седница започнаа уште вчера со средбата на пратеничката група на владејачката СДСМ, додека сега е во тек координацијата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Пратеници од оваа партија наведуваат дека тие ќе присуствуваат на седницата, но дека ќе бараат Предлог-законот за ратификација на Договорот да биде разгледуван на Комисијата за надворешни работи, а не како што е сега предвидено на Комисијата за европски прашања. Од опозициската партија рекоа дека тие ќе останат на ставот на партијата дека нема да поддржан договор за спорот со името кој би опфатил уставни измени.

Поддршка за Предлог-законот за ратификација на Договорот за името, како што е познато, се очекува од владејачките СДСМ, ДУИ, но и од опозициските партии на Албанците во Македонија, Беса и Алијансата на Албанците.

Вчера Владата до Собранието го достави Предлог-законот за ратификација на Договорот со европско знаменце, а тој ќе се носи по скратена постапка.

За во 11 часот пред зградата на Парламентот е  најавен нов протест на граѓани кои се против догворот за името.Околу Собранието има засилено полициско присуство.

Translate »