Другарите на Саздовски: Го следеа и го нападнаа кукавички додека беше со неговата девојка

Дваесет и едногодишниот Никола Саздовски, кој крвнички беше претепан пред десетина дена во скопската населба Автокоманда и вчера им подлегна на повредите, еден месец бил следен од напаѓачите, сведочат неговите другари за Независен весник.

За починатиот другар од Кисела Вода велат дека секогаш прв истапувал кога требало да се заштити некој пријател, бил храбар и непоколеблив. Во семејството Саздовски биле три деца, сега другите две ќе мора да го носат споменот на Саздо и да ги направат горди родителите.

„Ги знаеме кои се напаѓачите, од Чаир се, заштитени се како бели мечки од државата. Цел месец нѐ следат, ни се закануваат по ‘фејсбуци’ и по СМС-пораки. Пред некоја недела избодеа со нож едно наше дете. Сега го чекаа Саздо. Го нападнаа кукавички додека беше со девојката. Чекале автобус на станица, застанал ‘мерцедес’, излегле три-четворица и го нападнале со тупаници, боксови, па дури и со нож. Му ги скршиле ребрата, тој паднал на асфалтот, со главата удрил на тротоарот. Напаѓачите побегнале, а на Саздо дури тогаш му пришле луѓе да му помогнат“, гневни се неговите пријатели.

Translate »