Одличен викенд предлог за љубителите на патувањата и музиката!
Доколку ги искористивте своите 10 дена одмор на море, но сеуште ви се шета, не заборавајте дека и во нашата држава има прекрасни места кои само чекаат да ги откриете. Лето е, опуштете се! Оставете се’ како што ви е дома и овој петок тргнете на кратка авантура.
Дали знаете дека со малку планирање и малку средства, можете да посетите 4 наши езера во еден ден, и да уживате на одличен музички фестивал.
Ви се допаѓа идејата? Тргнуваме!
Првата станица е Маврово. Почнете го утрото со вкусна пита и кисело млеко покрај Мавровското езеро. Во областа Маврови Анови има одлични ресторани кои нудат традиционална храна, а најголем дел од нив имаат прекрасен поглед кон езерото.
Откако ќе се најадете и ќе соберете сила, тргнете по кањонот на реката Радика во правец на Дебарското езеро. Патот е опкружен со природа и зеленило, а има и интересни локации кои можете да ги посетите по пат, а да не ви одземат многу време, како на пример манастирот Св. Јован Бигорски, еден од најубавите манастири во цела Македонија, или мирното и пријатно Ростуше во чија близинаа се наоѓа водопадот Дуф. Доколку имате повеќе време, во близина е и мостот Еленски скок, мост стар неколку стотици години кој ги воодушевува авантуристите, неочекувано свивајќи го својот совршено кружен лак сред густата шума.
Од таму, по патот на кањонот на реката Црн Дрим, стигнуваме до езерото Глобочица. Темните и длабоки води на Глобочица, и неверојатно тивката природа создаваат мистично чуство, а фактот што старото село на ова место било целосно поплавено кога се градело ова вештачко езеро, само додава на мистериозноста.
Половина ден помина, и веќе сте гладни. А тука, по пат е Вевчани. Ова мало гратче е приказна сама за себе, како и луѓето кои живеат таму. Толку се горди на своето потекло, што, замислете, си направиле свои, вевчански “пасоши” и “пари”. Се разбира дека се работи за шега, не морате да барате менувачница, но во секој случај вреди да останете тука на ручек. Од храната до природата, Вевчани е навистина мало парче рај на земјата, но не се опуштајте премногу бидејќи авантурата не е завршена. Испијте едно кафе, прошетајте се до Вевчанските водопади и назад на пат!
Крајната дестинација е Охридското езеро, односно прекрасната Струга која лежи на неговиот брег. Градот на поезијата и мостовите нуди прекрасна и мирна атмосфера, но овојпат не сме дојдени за тоа. Вечерта ја завршуваме со кулминација од забава и музика, како награда за успешната авантура. Како нарачано, најпопуларниот летен фестивал во Македонија, Грин Бич Фестивал, за прв пат оваа година се одржува токму во Струга, на самиот брег на езерото! Со оглед на тоа дека забавата со најпознатата електронска дива – диџејката Нина Кравиц се случува овој петок, на 27 јули, немате изговор да не тргнете во авантура уште овој викенд!
А доколку сакате дури и фестивалот да биде бесплатен, приклучете се на наградната игра на Heineken, каде секојдневно се доделуваат билети токму за Грин Бич.
Соберете екипа, направете ја “езерската” тура и пуштете ги сите впечатоци од денот да експлодираат во музика, смеа и танц на Грин Бич Фестивалот. Останете до утрото, спијте на плажа и пречекајте го изгрејсонцето над езерото. Заборавете на грижите, создадете спомени, и отворете го светот на авантурата и музиката!