Николовски: ВМРО-ДПМНЕ ќе постигне подобар договор за името со Грција
„Доколку граѓаните и Собранието не го прифатат овој Договор за името со Грција, идна влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе го препреговара договорот и убеден сум дека ќе постигнеме подобар“, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
Николоски смета дека „може да се постигне подобар договор од овој со Грција. И сум апсолутно убеден да имаше Владата поинаква преговарачка позиција, можам и да ја објаснам во кое делови, дека ќе имаше подобар договор“.
„Прво, не може да дозволите грчката страна да ангажира 60 меѓународни експерти, пред сè адвокати по меѓународно право и експерти по меѓународно право, вие да не ангажирате ниту еден и на крај да ангажирате еден. Не може да одите јавно со тактиките со кои ќе одите во преговорите и да ги знае другата страна, не може да менувате ставови секој месец и најбитно, не може да очекувате да постигнете договор и да очекувате тој договор да ви донесе покривање на политичките проблеми дома, затоа што во такви услови другата страна, а да не ја потценуваме грчката дипломатија е многу силна, ни ги знае сите слаби страни и тука удира“ – вели Николоски за РСЕ.