Рикер: Референдумот е можност граѓаните да кажат дека се за позитивна иднина на Македонија
Eсенскиот референдум за името е можност сите Македонци да излезат и да кажат дека се за позитивна иднина на Македонија, вели поранешниот американски амбасадор во Македонија Филип Рикер, кој сега е цивилен заменик командант на силите на САД во Европа. Тој во Македонија беше во придружба на командантот на американските сили во Европа, Куртис Скапароти.
„Членството во НАТО, ако ги погледнете вашите соседи како Бугарија, Албанија, другите земји од поранешна Југославија, им значеше многу, па дури и за Грција членството во НАТО и во ЕУ значеше многу во економска смисла, во однос на стабилноста. Ова сега е можност за Македонија да се придвижи напред, да се приклучи во НАТО во краток период. Пристапниот процес е веќе во тек”, изјави Рикер во интервју за телевизија Сител.
Според него, генерал Скапароти видел дека Македонија е добро подготвена да придонесе во Алијансата, а очекувањата на претставниците на американската војска се дека Македонија ќе биде целосен и еднаков член во НАТО и оти ќе има исти права и привилегии како секоја друга земја-членка на Алијансата.
„Ова е можноста поради која сите Македонци треба да излезат и да кажат ‘да’ за позитивна иднина, не за политиката и за политичките партии. Ова е за иднината на земјата. Имате многу време да се занимавате со политика подоцна”, вели Рикер.
Во врска со Договорот за името, тој смета дека Македонците нема да имаат проблем да кажат кои се. Договорот од Преспа, како што вели, е вистинска можност и прв пат да се има признание на македонскиот идентитет и македонскиот јазик.