Контролата на летање-што прави за твојата безбедност

Контрола на летање — што прави за твојата безбедност?

Некои уживаат во летањето со авион, а некои постојано патуваат, па толку се навикнати што не му обрнуваат многу внимание. Но, за повеќето од нас, моментот на полетување и слетување секогаш предизвикува некое непријатно чуство на неизвесност. Не е ниту чудо кога по некоја логика, толку големо „парче железо“ едноставно не припаѓа во воздухот!  Односно, така си мислиме.

Стравот од непознатото е оправдан, но физичките закони и фактите велат нешто сосем друго – патувањето со авион не само што е безбедно, туку по сите светски статистики, далеку побезбедно отколку патувањето со мотоцикл или со автомобил!

Еден од најважните фактори што придонесува за оваа безбедност, секако е системот за контрола на летање.

 

Безбедно водење на летот

Првенствено капетанот, односно претпоставениот пилот е одговорен за безбедноста на летот, но тој не може да ги види сите други авиони што летаат околу него и не е свесен дека се во негова близина, поради што повеќето држави имаат систем за контрола на летање.

Контролорите на летање играат многу важна улога во безбедноста на воздушниот сообраќај, а се грижат и воздушниот сообраќај да се одвива експедитивно и ефикасно. Главна цел е да се одржува безбедно растојание помеѓу авионите. За нив, безбедноста е пред сѐ.

Ова значи дека, додека пилотот ги извршува своите задачи во пилотската кабина,  многумина на земјата го следат летот. Преку радиоврска, пилотот не комуницира само со контролорите на аеродромот од кој полетал и аеродромот на кој треба да слета, туку и со контролорите на неколку центри на контрола на летање попат.

Да замислиме дека  два брзи авиона летаат директно еден кон друг. Кога пилотите ќе забележат што се случува, можеби ќе имаат само неколку секунди за да го избегнат судирот! Контролорот на летање ја има таа одговорност да не дозволи да дојде до ваква ситуација. Долго пред пилотите да се видат, тие ќе добијат упатства кои ќе им помогнат да бидат на безбедно растојание.

 

Следење на летот

На земјата има навигациски радиопредаватели кои даваат сигнали што го водат авионот. Пилотот ги следи сигналите од предавателите на контролна табла и преку нив знае каде точно се наоѓа. Бидејќи предавателите се распоредени на одредени места, авионите летаат од едно до друго такво место сѐ додека не стигнат до своето одредиште. Всушност, овие навигациски инструменти имаат создадено конкретни воздушни рути. Во денешно време постојат пософистицирани системи и принципи на навигација кои дозволуваат одвивање на летот по која било замислена патека.

Контролорите ги следат авионите во текот на нивниот лет. Рутата на летање им е позната на контролорите уште пред да полета авионот.

Основно средство за комуникација помеѓу контролорите на летање и пилотите е радиоврската. Контролорот  знае каде се наоѓа авионот и му дава упатства на пилотот кои му помагаат да биде на безбедно растојание од другите авиони. Контролорите и пилотите обично имаат на располагање повеќе радиоврски и фреквенции. Во случај да откаже некоја, можат да користат и друга.

За да се избегнат опасностите до кои би дошло поради недоразбирање во комуникацијата, бидејќи пилотите доаѓаат од разни земји, Меѓународната организација за цивилно воздухопловство го избра англискиот јазик како јазик на кој ќе се комуницира во авијацијата. Исто така, бидејќи некои зборови, букви и броеви звучат слично кога се пренесуваат преку радиоврска, контролорите на летање се обучени да користат стандардни фрази и изговор кога им даваат упатства на пилотите. Заради уште поголема безбедност, пилотите треба да повторат извесни упатства што ги добиваат од контролорите.

Друг инструмент што го користат контролорите е радарот. Радиобрановите што се одбиваат од авионите доаѓаат до радарската антена. Тогаш на радарскиот  екран авионите се појавуваат како објекти, или симболи. Постојат и друг вид на радари, за кои е потребно  авионите да се опремени со транспондер, кој му враќа на радарот сигнал што го идентификува авионот. Кога на овој сигнал ќе се додадат информациите од компјутерот, на радарскиот екран се прикажува авионот заедно со бројот на летот, брзината, висината и типот на авионот.

Ако контролорот увиди дека треба да го наведува авионот за да не дојде до судир, тоа може да го направи со упатство на пилотот да го смени движењето, односно правецот, да ја смени брзината или многу често, авионите се држат на безбедно растојание еден од друг со промена на висината.

За да се зголеми нивото на безбедност, многу радарски системи можат да му дадат сигнал на контролорот кога ќе дојде до опасна ситуација. На пример, ако системот забележи дека два авиона се преблиску еден до друг, се вклучуваат визуелни и звучни аларми. Друг аларм се вклучува ако некој авион лета преблиску до земјата.

 

Безбедноста — главна цел

Како што гледаме од овој краток преглед на работата на контролата на летање, пилотот не е единствениот што знае каде се наоѓа авионот во секој момент од летот. Системот за контрола на летање е создаден за да има што помалку опасности и што поголема безбедност. Затоа, ако летате со авион, немате причина да се плашите. Следниот пат кога ќе се подготвувате за полетување, сетете се дека контролорите на летање будно внимаваат на вашата безбедност. Затоа, навалете се на седиштето, опуштете се и уживајте во летот!

 

Translate »