Игор Ангеловски-Фудбалски менаџер кој донесе позитивна енергија во Македонската А репрезентација
Фудбалскиот менаџер, селектор или главен тренер има доминантна улога во еден национален тим. Ги следи противниците, подготвува тактика за секој натпревар, креира долгорочна стратегија за тимот.Тој ги одредува 11-те играчи кои ќе играат на натпреварот, дава инструкции за време на натпреварот, ги мотивира играчите. Едноставно тој е мозокот на тимот! Од него се почнува, со него завршува, секако со поддршка од федерацијата.
Неговата одговорност е многу голема! Тој ги тренира играчите да размислуваат како единка, а истовремено настојува секој од нив индивидуално да настапува со максимална концентрација, интензитет и вештини. Мора да има високи компетенции во справувањето со луѓето, со медиумите, со пошироката јавноста.
Изложен е на голем притисок!
Мора да покаже компетентност, силно познавање за играта и да демонстрира храброст и решителност во најтешките ситуации. Снаодливоста е особено посакувана особина, а егото е пожелно да биде што помало. Многу одговорности сконцентрирани во еден лик!
Со својот тим на соработници постојано скаутира млади и перспективни играчи, создава поширок список на квалитетни фудбалери. И секогаш треба да ги одбере најдобрите, за конкретен натпревар.
Ако се изгуби натпревар, критиката е пред се врз него!
Ќе се сложите не е лесно да се биде селектор, тренер на еден национален тим.. И не секој може да биде.
Игор Ангеловски, внесе многу позитивна енергија во А фудбалската репрезентација на Македонија. Промовира нов напаѓачки концепт, поттикна храброст и самодоверба за спротивставување и на фудбалските велесили. Конечно не врати пред малите екрани, овозможувајќи со нетрпение да го чекаме секој следен натпревар на А репрезентацијата. Внесе слога, тимски дух, пожртвуваност и синергија меѓу играчите. Имаме млад, силен, перспективен тим кој може да се носи со секој.
Тоа можеме да го покажеме веќе во недела (9 септември 2018) во 18:00 на арената Филип Втори кога на гости ни доаѓа секогаш незгодната Ерменија, со Михтаријан, Барсегјан и останатите. Борбена и квалитетна репрезентација, вистински предизвик.
Да ја поддржиме Македонија од трибините!
Да гледаме уште една фудбалска претстава, која сите ќе не израдува и сплоти. Пандев, Несторовски, Алиоски, Трајковски, Барди, Николов и останатите Ве очекуваат на трибините.