Луѓето над 65 години бесплатно ќе се вакцинираат против грип
Во последниве месеци, сите се соочивме со еден од најголемите глобални проблеми во 2020 година – кризата Ковид-19. Секој од нас се обиде да се справи со новите предизвици и новите непишани правила кои што коронавирусот постепено ги наметна во нашето општество. И додека целиот свет се фокусира на различни информации поврзани со пандемијата, чекајќи ја добрата вест – развој на ефикасна вакцина, да не пропуштиме уште една важна информација која што придонесува за подобар здравствен статус на населението во Македонија. Тоа е годишната борба против сезонскиот грип. Грипот има многу сличности со Ковид-19, бидејќи е исто така вирусно заболување кое влијае на респираторниот систем. Иако не толку смртоносно, тоа исто така може да предизвика компликации што доведуваат до опасни по живот состојби, од кои едната е пневмонија. Некои од симптомите се исто така многу слични – многу заболени од коронавирус се жалат на треска, кашлица, болки во мускулите, болки во грлото. Состојби што ги среќаваме и кај голем број на пациенти заболени со сезонски грип.
Ризичните групи за овие болести се многу блиски. Тоа се луѓе над 60 години кои страдаат од медицински состојби какви што се: проблеми со срцето и белите дробови и дијабетес. Сепак, постои многу важна, битна разлика помеѓу Ковид-19 и грипот. Тоа е дека имаме ефикасна вакцина против грип, против сезонски грип. А сепак тоа го игнорираме.
Вакцинацијата е исклучително важна, особено за споменатите ризични групи.Повеќето луѓе во Македонија на возраст за пензија не се вакцинирани затоа што немаат финансиски средства за вакцина против сезонски грип. Исто така причина за тоа е недостатокот на информации дека од 2019 година постои дистрибуција на бесплатни вакцини за лица над 65 години.
Оваа иницијатива продолжува со полна сила и во 2020 година, како дел од Националната програма за подобрување на имунизацијата и вакцинирање со цел спречување на сезонскиот грип.
Затоа е добро во период на ширење на друг, дури и поподмолен вирус, да преземеме навремени мерки и да се заштитиме од сезонскиот вирус за кој сепак постои превентивна алатка – ефикасна вакцина.