Џорџ Буш со поддршка за референдумот: Сега ја имате моќта да напишете една нова и понадежна приказна за вас

Поранешниот американски претседател Џорџ Буш преку писмо ги повика македонските граѓани да излезат на претстојниот референдум. Во писмото, меѓу другото, Буш ја спомнува и 2008 година кога ги повикал сојузниците на НАТО да ја примат Македонија во алијансата.

„Уште од првиот ден на независноста на вашата држава, Соединетите Американски Држави се ваш постојан пријател. Американскиот народ се восхитуваше на вашето мирољубиво издигнувње од пепелта на Југославија. Ја почитуваме вашата храброст да се придржувате до демократските вредности и слободните институции. И го поддржуваме вашиот стремеж за остварување напредок и безбедност во Европа, која е цела, слободна и живее во мир“, напиша Буш.

„Како претседател на Соединетите Држави, ми беше чест да го поддржам претседателот Трајковски во 2001, кога тој ја оттргна Македонија од работ на граѓанската војна во правец на општество дефинирано со мултиетничко разбирање и владеење на правото. И бев горд кога Соединетите Држави ја признаа Република Македонија под нејзиното уставно име во 2004“, пишува во писмото.

Буш во писмото додава: „Сега, во едно вака надежно време во животот на вашата земја, размислувам за бројните  предизвици со кои се соочивте и ги надминавте. Исто така, размислувам за мојот покоен пријател Борис Трајковски. Претседателот Трајковски беше човек со интегритет, решителност и, најмногу од сè, човек со верба. Тој имаше верба во Господ, верба во својата земја и нејзините луѓе, како и верба во способноста на нејзините лидери да носат мудри одлуки. Преспанскиот договор, што сега е пред вас за ратификација, е храбар и фер компромис. Тој ќе ја постави Македонија на патот да влезе во Европската Унија и НАТО и да ја оствари светлата иднина којашто претседателот Трајковски ја замислуваше“.

На крајот од писмото Џорџ Буш пишува: „Ги повикувам сите граѓани на Македонија да учествуваат во носењето на оваа историска одлука и да гласаат на националниот референдум на крајот од овој месец. По една деценија на пречки, сега ја имате моќта да напишете една нова и понадежна приказна за вас, за вашите деца, за вашите соседи и за вашата земја. Најголемиот сојуз за слобода во историјата чува место за земјата што ја сакате, а јас со нетрпение го очекувам денот кога Соединетите Држави гордо ќе ѝ посакаат добредојде на Република Северна Македонија како најнов сојузник и 30. членка на НАТО“.

Translate »