СДК: Кучиња нападнаа службеник на Светска банка во Скопје, скршил нога бегајќи
Службеник на Светска банка кој е во посета на мисијата во Македонија бил нападнат од кучиња додека трчал на кејот на Вардар во Скопје, при што паднал и ја скршил ногата. Додека бил нападнат од кучињата, службеникот почнал да вика за помош, но не ја добил иако во близина забележал униформирани лица, јавува СДК.МК.
Подоцна повредениот бил згрижен во една приватна болница во Скопје.
Мисијата на Светска банка во Скопје за СДК го потврдиле настанот.
„Член на тимот на Светска банка кој е во посета на Македонија, беше нападнат од улични кучиња на кејот на Вардар додека џогирал. Од страв скокнал од ѕидот и си ја повредил ногата. Се чувствува добро, но природата на повредата е таква што му треба време да заздрави“, изјавиле за САКАМДАКАЖАМ.МК од Мисијата на Светска банка во Скопје. „На Светска банка ѝ е жал за оваа непријатна епизода. Скопје е убав, гостопримлив град, но сметаме дека е важно да се контролира проблемот со дивите кучиња во урбани области на начин кој е хуман за кучињата, и кој обезбедува безбедност и за граѓаните и за посетителите на градот“, велат од Светска банка.
Според очевидци, од кучиња на кејот бил нападнат и член на тимот на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, за време на неговата дводневна посета во Скопје на 5 и 6 септември, но тој останал неповреден.