МОСТ даде позитивни забелешки на Државната изборна комисија
Уште седум дена останаа до одржување на референдумот.
Во меѓувреме продолжува меѓународната дипломатската офанзива во земјава, а интензивно работи и Државната изборна комисија. Со периодичен извештај од набљудувањето на референдумската кампања излезе и граѓанската асоцијација МОСТ која даде позитивни забелешки на ДИК.
Во набљудуваниот период ДИК работеше во колегијална атмосфера и сите одлуки ги донесе едногласно, што е за поздравување. Исто така, позитивно се оценува и транспарентноста на работата на ДИК, имајќи предвид дека првпат сите седници се јавни и за првпат се почитува обврската од Изборниот законик за редовно објавување на записниците од седниците на Интернет.
Сепак субјектите кои пропагираат граѓаните да не гласаат на референдумот имаат значително помал процент на активности.
МОСТ ги повикува граѓаните да се информираат за референдумот.
-МОСТ ги охрабрува сите граѓани да се информираат за секој аспект од референдумот, активно да се вклучат во носењето одлуки и својот глас да го дадат согласно нивното лично уверување и волја. Секаков притисок, уцена или заплашување на граѓаните се спротивни на демократските вредности и принципи.
Но ратификацијата на Договорот се проблематизира и во Грција. Коалициските партнери во грчката влада, Aлексис Ципрас и Панос Каменос во март следната година повторно ќе разговараат. Грчката агенција Ана МПА, повикувајќи се на владини извори пишува дека Ципрас и Каменос се согласиле дека во „овој момент она што е најважно за земјата е обединетоста и политичката стабилност”.