МИА демантира дека по наредба на Атина е цензурирана изјавата на Заев
Грчиот весник „Катимерини” пишува дека по интервенција од Атина, државната Македонска новинска информативна агенција (МИА) сменила дел од она што го изјавил премиерот Зоран Заев во интервју дадено во Вашингтон, по средбата со потпретседателот на САД Мајк Пенс.
Во интервју за МИА, Заев, наводно, изјавил: „Северен дел од Грција е Грција, западниот дел на Бугарија е Бугарија. Ова е нашата Македонија и нема да има уште една во светот “, објави МИА првично“, тврди весникот.
МИА, според весникот, подоцна по интервенција на Атина целосно го променила цитатот, а за ова реагираа и од ВМРО-ДПМНЕ.
МИА: Изјавата е коригирана поради погрешни интерпретации
Со реакција на случајот се јави и МИА, од каде велат дека со оглед на упатените прашања од различни медиуми во врска со корекцијата на интервјуто на премиерoт Зоран Заев, Македонската информативна агенција посочува дека немало никаква интервенција од Алексис Ципрас и од Атина како што се пренeсува, ниту од кого било.
Единствено што е точно е дека по увидените реакции во печатот за пренесеното интервју, е направена проверка на истото и е утврдено дека се направени погрешни интерпретации за што веднаш е направена корекција и истата коригирана изјава е дистрибуирана до јавноста.
Правило е кога агенциите ќе направат грешки да се испратат корекции, дополнувања на веста па дури кога станува збор за сосем погрешни вести и повлекување на истата.
СДСМ: Лаги и неодговорност на ВМРО-ДПМНЕ кон државата
Реагираа и од СДСМ во соопштение во кое ја обвинија опозициската партија за премногу лажни вести и манифестација на крајна неодговорност кон интересите на државата.
-Невистините што секојдневно ги шири опозициската партија веднаш се демантирани од различни страни, денеска од страна на Македонската информативна агенција. ВМРО-ДПМНЕ лаже кога вели дека со Договорот со Грција се брише македонскиот идентитет, македонската историја и посебност. Напротив, Договорот ги зајакнува и гарантира македонскиот идентитет, македонскиот јазик и македонската посебност кои стануваат признаени од целиот свет, вклучително и од Грција. Членство на Македонија во ЕУ и НАТО со признаен идентитет е огромна, историска придобивка околу која сите сериозни политички субјекти коишто и мислат добро на државата и граѓаните треба да се обединат. ВМРО-ДПМНЕ мора да излезе од деструктивната матрица, да се приклучи кон процесите што обезбедуваат подобра иднина и да ги повика своите членови на 30 септември да гласаат ЗА европска Македонија, се вели во соопштението на СДСМ.