Се огласи и обвинителството за случајот со активистката Моника Ристевска која заврши во притвор
Јавното обвинителство се огласи за случајот со активистката за легализација на марихуаната, Моника Ристеска, на која вчера ѝ беше определена мерка притвор во траење од 30 дена.
Од Обвинителството соопштија дека Ристеска е осомничена дека во текот на 2017 и 2018 година во повеќе наврати неовластено набавила наркотична дрога марихуана, од која со понатамошна преработка добивала наркотична дрога хашиш и други опојни средства, кои потоа ги продавала во Скопје.
Како што наведува Обвинителството, на 29 септември 2017 година во селото Ракотинци при извршен претрес кај осомничената биле пронајдени и одземени: една полиетиленска кесичка со 27,46 нето-грама, два шприца со вкупен волумен од 9 мм и остатоци од шприцовите со наркотична дрога хашиш смола, една дигитална вага со остатоци од марихуана, две шишиња со вкупен волумен од 2.060 мл етил алкохол органски растворувач.
„На 5 јули 2018 година во близина на Канцеларијата за врски на Грција во Скопје од страна на полициски службеници било извршено легитимирање на осомничената и кај неа биле пронајдени два шприца со остатоци од наркотична дрога хашиш смола, а еден шприц со волумен од 2 мл со наркотична дрога хашиш смола е пронајден кај сведок на кого обвинетата му го продала за 3.000 денари“, соопшти Обвинителството.
Оттаму додаваат дека на 8 октомври годинава на улицата Мите Богоевски во Скопје кај осомничената биле пронајдени: четири шприца со вкупен волумен од 39,7 мл наркотична дрога хашиш смола, темнокафеава масловидна материја со волумен од 12 мл наркотична дрога хашиш масло, семки во стаклен сад со нето-маса од 0,42 гр, кои потекнуваат од растение што припаѓа на растителниот род Cannabis – марихуана, растителен материјал во полиетиленски кесички со нето-маса од 7,62 грама, полиетиленско пакување со остатоци од растителен материјал марихуана, пакувања со нето-маса од 30,15 грама марихуана помешана со тутун, две дигитални ваги со остатоци од наркотична дрога, еден мал вентилатор, два електрични блендера со остатоци од наркотична дрога, едно грејно тело марка ИЦМ, еден топломер со остатоци од наркотична дрога, една тегла семки, 19 празни шприцови, две пластични чаши со црвено капаче, во кои има кафеава маст, две пластични проѕирни црева и една празна полиетиленска кеса со остатоци од непозната материја, три стаклени епрувети со држачи и една пластична туба со налепница „етанол“, кои сите биле наменети за производство, а потоа и за продажба на наркотична дрога.
„Во Република Македонија, во согласност со чл. 215, ст. 1 од Кривичниот законик, казниво е неовластеното производство, преработка, продажба или нудење продажба, како и продажба, купување, држење, пренесување или посредување во продажба или купување или на друг начин неовластено пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори. Во согласност со чл. 20 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир пропишана е прекршочна одговорност и казнување за уживањето во наркотични дроги, психтотропни супстанции и прекурсори“, наведе Обвинителството во соопштение испратено до јавноста.Makfaks