Ураганот „Мајкл“ силно удри на Флорида

Ураганот „Мајкл“ направи пустош во Флорида и однесе најмалку два живота. Многу жители не одговорија на повиците за евакуација.

   
Hurrikan Michael (Getty Images/J. Raedle)

Бранови високи по неколку метри, силни ветрови, обилни дождови – ураганот „Мајкл“ предизвика хаос на северозападот на американската сојузна држава Флорида. Ураганот го погоди брегот со брзина на ветрот од 250 километри на час. Загинаа најмалку две лица, и тоа од уривање на дрвја.

Hurrikan Michael (Reuters/J. Bachman)

Во многу погодени подрачја од ураганот се испратени екипи за спасување, соопшти гувернерот на Флорида, Рик Скот. Стотици илјади домаќинства се останати без електрична енергија.

Во моментот кога ураганот го погодил брегот, северозападно од местенцето Мексико Бич, имал само два километри на час помала брзина од онаа за урагани со највисока категорија. Метеорологот Денис Фелтген од Националниот центар за урагани во САД, изјави дека станува збор за најсилниот ураган во Флорида од почетокот на мерење на временските прилики до денес.

Hurrikan Michael (Reuters/S. Nesius)

„Мајкл“ во текот на изминатите денови многу брзо добиваше на сила. Брзината ги изненади жителите и властите на Флорида. Надлежните служби упатија повик за евакуација, но многу од жителите останаа дома. Веднаш по повикот за евакуација, гувернерот Рик Скот веќе оцени дека веќе нема време за напуштање на зоната на опасност. Градоначалникот на местото Порт Сент Џо изјави: „Сѐ се одвиваше многу брзо, не бевме вистински подготвени.“

Hurrikan Michael (picture-alliance/dpa/D.R. Clifford)

На својот пат кон север, ураганот загуби на јачина исто толку бргу како што добиваше сила. Сега е категоризиран како тропска бура. Сепак, предупредувањето за опасност е и натаму во сила. Експертите, поради големите дождови, очекуваат поплави во делови од сојузната држава Џорџија, на југоисток на Вирџинија, како и во Јужна и Северна Каролина.DW

Translate »