Семејството на Принц му забрани на Трамп да ги користи неговите песни

Семејството на починатиот музичар Принц побара од американскиот претседател, Доналд Трамп, да не ги користи неговите песни за време на политичките митинзи, како што тоа беше случај неодамна.

„Наследниците на Принц никогаш не му дадоа дозвола на претседателот Трамп или на Белата куќа да ги користат неговите песни и бараат тоа веднаш да престане“, напиша на Твитер полубратот на Принц, Омар Бејкер.

Локалните медиуми во САД соопштија дека тимот на Трамп во неколку наврати на митинзи ја пуштал најпопуларната песна на Принц, „Purple Rain“.
Многу музичари ја осудија употребата на нивни песни за време на кампањата за претседателските избори во САД од 2016 година, меѓу кои и „Ролинг стоунс“, „Аеросмит“, „Квин“, како и пејачите Адел и Нил Јанг.

Семејството на Лучијано Павароти, еден од најпознатите светски тенори, го критикуваше изборниот штаб на Трамп, кој ја користеше аријата на Пучини „Nessum Dorma“ во изведба на оперскиот пејач.

Translate »