ЦК на ВМРО-ДПМНЕ бара Сашо Мијалков и Никола Тодоров да бидат исклучени од партијата

Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ вечерва одлучил да му предложи на Општинскиот комитет во кој членува ексдиректорот на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) Сашо Мијалков да биде исклучен од членствoто во ВМРО-ДПМНЕ, затоа што учествувал во обезбедувањето двотретинско мнозинство во Собранието, изјави потпретседателот на партијата Александар Николовски.

Истиот предлог е даден и за Никола Тодоров. Тој беше министер за здравство и за обрзаование во владата на Никола Груевски. Од политиката се повлече кога на 1 јуни 2017 при примопредавањето на функцијата на новиот министер за здравство Арбен Таравари, во него пукаше дедото на починатото девојче Тамара Димоска од Велес, за чија смрт јавноста ја обвинуваше небрежноста на Тодоров како министер.

Николовски изјави дека ВМРО-ДПМНЕ расчистува со криминалното минато и ќе оди напред како чиста партија.

Митко Јанчев, градоначалник на Кавадарци и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Костадин Богданов, член на Извршниот комитет на партијата и Петар Богојевски од Крушево, кој претходно беше разрешен од заменик-генерален секретар, денеска се исто така исклучени од партијата.

Николовски рече дека Јанчев соработувал со Зоран Заев за обезбедување двотретинско мнозинство.

Долгогодишниот директор на УБК и братучед на експремиерот Никола Груевски лани даде оставка од сите функции во партијата, а изминативе денови во расправиите меѓу членството на социјалните мрежи се именуваше за главен виновник што за предлогот за пристапување кон уставни измени гласале 7 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, за да си ги заштити своите бизниси и себеси.

Мијалков е еден од главните обвинети во случаите „Таргет-Тврдина“, „Титаник“, „Трезор“ и „Тортура“ на Специјалното јавно обвинителство (СЈО).

Мијалков денеска за „Прес 24“ демантираше вмешаност во гласањето во Собранието и истакна дека „Не смее да заборавиме дека историското ВМРО имало прозападна ориентација исто како и ВМРО-ДПМНЕ од нејзиното основање. Овој прозападен концепт беше еден од фундаментите на партијата, со крајна цел интеграција на Република Македонија во ЕУ и НАТО“.

„На денот на мојата оставка од сите партиски функции минатата година, немам учество во какво било својство и форма во работењето на политичката партија во која сум поминал децении. Оттука, отфрлам било какви шпекулации за мое влијание врз претседателот на партијата, органите на партијата, пратениците или која било друга организациска структура во нејзин состав. Во таа насока, сметам дека во овој момент, во интерес на сериозните предизвици со кои се соочува нашата партија, е потребно единство како никогаш до сега. Најмалку потребно во овие моменти е создавање поделби кои ќе имаат за цел да го ослабат ВМРО-ДПМНЕ“, изјави Мијалков.

Митко Јанчев, градоначалник на Кавадарци и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Костадин Богданов, член на Извршниот комитет на партијата и Петар Богојевски од Крушево, кој претходно беше разрешен од заменик-генерален секретар, денеска се исто така исклучени од партијата.СДК

Translate »