Михајловски за Gol.mk: Знаете ли како се вика ноќна мора на шпански? ВАРДАР (ВИДЕО)
„Знаете ли како се вика ноќна мора на шпански? ВАРДАР!“, низ емоции се пошегува поранешниот прв човек на Вардар, Михајло Михајловски, во изјава за Gol.mk.
Македонскиот ракометен шампион изминатиов викенд направи ново чудо во Келн. „Црвено-црните“ добија најмали шанси за освојување на престижниот трофеј, но често на терен победуваат оние со најголемо срце и оние кои најмногу ја посакуваат победата. За наша среќа, на овој Ф4 турнир во Лигата на шампионите тоа беа ракометарите на Вардар.
На радоста на вардарци им немаше крај, а поранешниот претседател на тимот за Gol.mk ги искажа своите импресии по историската втора титула на „црвено-црните“.
Да бидам искрен, како долгогодишен вардарец, дојдовме тука како аутсајдери, особено што во првиот меч за противник ја имавме Барселона. Меѓутоа, се тешев дека на Ф4 турнирите во Келн секогаш има некое изненадување.
Откако вчера се случи тоа чудо, во 42. минута губевме со 7 гола разлика – и на крајот еден неверојатен шок што победивме, за денес бев убеден дека Веспрем ќе падне. Бев мирен, се радував и бев сигурен дека ќе освоиме европска титула. Но, против Барселона не бев оптимист. Меѓутоа еве, Киелце го елиминира ПСЖ, ние ја победивме Барселона, а денес слушам по кулоарите: Знаете ли како се вика ноќна мора на шпански? ВАРДАР!
Во продолжение, погледнете го целосното интервју на Михајловски:
Делегацијата на Вардар се очекува попладнево да пристигне во Скопје и заедно со фановите на плоштадот „Македонија“ ќе го продолжи славјето за освоената титула.
За време на синоќешното славје во хотелот каде беа сместени вардарци, Gol.mk разговараше и со сегашниот газда на европскиот шампион, Сергеј Самсоненко.