Грците предупредуваат: Ако го користат името Македонија, ќе го напуштиме теренот
Македонската ракометна репрезентација утре и гостува на Грција во натпревар од квалификациите за ЕП 2020, а политичката ситуација го прави овој натпревар од висок ризик.
Во Кожани токму Македонија ќе биде голем фаворит за остварување победа, а домаќините со сериозни безбедносни мерки и намален број билети се обидуваат да неутрализираат било каков проблем кој би го попречил спортскиот дуел на двете селекции.
Сепак, првиот човек на Грчката федерација, Костас Гантис потсети дека тие нема да дозволат употреба на името Македонија и ако има таква провокација, ќе го напуштат теренот.
– Доколку се случи вакво нешто, дефинитивно ќе се повлечеме од теренот. Ние ова го гледаме само како спортски натпревар, но соседната земја мора да го употребува името под кое е меѓународно признаена. На младинското ЕП немаше никакви проблеми, а и по ждрепката одржавме состанок со нивни претставник и претставник на ЕХФ и се договоривме да нема отстапувања од правилата, односно нема да се повтори инцидентот од јуниорското ЕП во 2017 година, – изјавил Гантис на денешната прес-конференција.