Цел извршен комитет на Унија на жени на ВМРО-ДПМНЕ во оставкa

Даниела Рангелова си поднесе неотповиклива оставка од функцијата Претседател на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ. Веднаш по неа по социјалните мрежи оставки најавија и други членки на Унијата. Се огласија Лилјана Затуроска и Лилјана Кузманоска. Во телефонски разговор Кузмановска ни изјави дека сите членови на Извршниот комитет на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ се во оставка затоа што според партискиот статут доколку претседателот си замине од функцијата, тогаш заминува и целиот тим. На Рангелова според партискиот статут и прекинува и членството во Извршниот комитет. Рангелова оставката ја најави на својот фејсбук профил.

Не можам да прифатам да бидам  дел од ова раководство на ВМРО-ДПМНЕ кое ја однесе партијата во изолација, кое со своите политики базирани на неискреност и продуцирање на кавги помеѓу нас внатре во партијата, успеа по принципот раздели па владеј, дополнително да го подели македонското национално ткиво и да внесе неприфатливо ниво на омраза меѓу Македонците, но и меѓу членовите на ВМРО-ДПМНЕ, напиша Рангелова.

Рангелова месеци наназад не се согласуваше со политиките на раководството на партијата. Спротивно на ставот на ВМРО-ДПМНЕ таа излезе и гласаше на референдумот на 30 септември. Нејзината постапка ја следеше и генералниот секретар на Унијата на жени Лилјана Затуроска. Оставката ја депонирала во партиското седиште. На фејсбук профилот образложи дека оставката ја дава со искрени желби за уште посилни успеси на идниот тим а дека Рангелова и тимот биле тие кои ја поставиле унијата на високото скалило во партијата. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека пратеничките само ги напуштиле функциите, но не и членството во партијата.

Повлекување од функцијата координатор на пратеничката група вчера најави и Драган Данев. Ќе ја извршува функцијата се додека од партијата не назначат нов. Со именувањето друг, на Данев автоматски ќе му престане и членството во Извршниот Комитет каде што беше член по функција. Извори од ВМРО-ДПМНЕ велат дека во партијата врие од незадоволство и не исклучуваат можност превирањата да продолжат и во наредниот период./ Телма

Translate »