Петар Гошев: Во Македонија има навредлива нееднаквост
Даночната реформа која сега е најавена беше потребна, затоа што конечно мора да се напушти концептот на рамен данок. Тој е една од најголемите причини за оваа навредлива нееднаквост, вели поранешниот гувернер и министер за финансии Петар Гошев. Тој тврди дека ова требало да се направи и порано и да биде порадикално.
„Ова е само почеток и можеби е повеќе симболична отколку суштинска промена. Требаше да биде порадикално затоа што потегот е сосем оправдан. Јас би ги охрабрил да одат со похрабри мерки, вели Гошев.
Тој смета дека во Македонија е потребна редистрибуција на дохдот од луѓето кои имаат неспоредливо повеќе од просечниот граѓанин, а уште повеќе од тие кои се наоѓаат најдолу на пирамидата.
„Зошто е ова потребно? Затоа што општество со големи разлики е нехармонично општество, во кое потенцијално поради тоа се зголемуваат и конфликтите и тоа не му е од полза на никому. Во такви околности нема да се создава ниту добар амбиент за бизнис. Добар амбиент за бизнис е во хармонија. Тоа мнозинството го перцепирираат како правично, вели Гошев.
Според него, сосем е оправдано да се прават обиди за зголемување на даночните приходи затоа што така државата ги исполнува своите обврски – да нуди квалитено здравство и образование.
„Од кого поголеми приходи? Одговорот е очигледен. Досегашниот систем со кој се фалеше претходната власт односно концептот на најниски даноци не ги исполни очекувањата. Македонија во тој период во кој беше дуплиран јавниот долг оствари најниски стапки на раст. Затоа, тие кои сега се против реформата немаат клучен аргумент за задржувањето на овој даночен систем, вели Гошев.