ФФМ ја повика дијаспората: Во Вадуц заедно да навиваме за Македонија

loading...

Македонската А репрезентација на 16 ноември гостува во Вадуц за натпреварот од 5. коло против Лихтенштајн од Лигата на нации.

Од Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) ги известуваат сите заинтересирани навивачи и поддржувачи на нашата репрезентација кои живеат во странство и кои сакаат да присуствуваат на натпреварот дека влезниците се пуштени во продажба преку официјалната страница на Фудбалската асоцијација на Лихтенштајн, www.lfv.li, по цена од 25.CHF за возрасни, 12.CHF за лица од 16. до 20. годишна возраст и 7. CHF за деца.

Домашната федерација го определи Сектор 2 (блок Г и Х) од Јужната трибина на стадионот во Вадуц каде ќе бидат сместени навивачите и поддржувачите на репрезентацијата на Македонија.

Вратите на стадионот од секторот каде што ќе бидат сместени нашите навивачи ќе бидат отворени еден час пред почетокот на натпреварот Лихтенштајн – Македонија, односно во 19:45 часот. Натпреварот започнува во 20:45 часот.

Како организатор на натпреварот, Фудбалската асоцијација на Лихтенштајн го задржува правото за проверка и контрола на податоците од влезниците и споредба со личните податоци поради што неопходно е сите кои сакаат да присуствуваат на мечот да поседуваат лични документи.

Фудбалската федерација на Македонија ги повикува сите гледачи и навивачи на Македонија да навиваат фер и коректно и да и помогнат на нашата репрезентација да дојде до нова победа која ќе ја приближи Македонија до првото место во групата.

На крај ФФМ испрати благодарност до сите наши навивачи кои ќе ѝ дадат поддршка на Македонија во клучниот натпревар во Лигата на нации.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Translate »