Во „Шутка“ пристигнаа дел од осомничените во „Империја“

Во затворот „Шутка“ ноќеска се притворени дел од петте осомничени кои беа на распит за случајот „Империја“ на СЈО. Пристигнаа околу 2.30 часот, со возила, поради што не можеше да се утврди за кој точно станува збор.

За случајот „Империја“ петмина од вкупно 13 осомничени до доцна синоќа беа на распит во скопскиот Кривичен суд. Се одлучуваше за одредување мерка притвор.

Во судот беа бизнисменот Јордан Камчев, неговиот соработник Ненад Јосифовиќ, директорот на „Ексико“ Тодор Мирчевски,  директорот на ЗК „Пелагонија“ Цветан Панделески и сметководителката во фирмите на Камчев Зорица Арсовска.

Од СЈО вчера информираа дека е отворена истрага под кодно име „Империја“ против Јордан Камчев, Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Ратка Куноска Камчева, Христина Камчева Стојческа, Зорица Арсовска, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Тодор Мирчевски, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски, поради постоење основано сомнение за сторени кривични дела Злосторничко здружување, Оштетување или повластување на доверители, Злоупотреба на службената положба и овластување, Измама и Перење пари и други приноси од казниво дело.

Во текот на предистражната постапка, со преземање различни истражни дејствија како и со примена на посебни истражни мерки, се обезбедени доволно докази од кои произлезе основано сомнение дека од 2002 до 2013 година осомничените ги сториле кривичните дела што им се ставаат на товар лично и преку правни лица кои биле или се во нивна сопственост.

СЈО вчера во соработка со МВР изврши 12 претреси.

Translate »