На жртвата на силување ѝ се закануваат 20 години затвор: 20-годишната Имелда била силувана од очувот, а кога му родила дете, ја ставиле во затвор и ја обвиниле за убиство
На жртвата на силување и страшно злоставување во семејството во Ел Салвадор ѝ се закануваат 20 години затвор, бидејќи наводно се обидела да го абортира детето кое го направил нејзиниот очув, кој ја силувал од нејзината 12-та година.
20-годишната Имелда Кортез од сиромашно селско семејство од Сан Мигел, е во притвор од април 2017. година, кога родила дете чиј татко бил нејзиниот 70-годишен очув.
Кортез била итно префрлена во болница, кога нејзината мајка ја затекнала како крвари во болки. Докторот од Итна помош се посомневал на абортус и се јавил во полиција. Меѓутоа, бебето било родено живо и здраво.
Имелда не знаела дека е бремена. Иако бебето преживеало, жртвата на силување е обвинета за убиство со умисла. По една недела во болница, пратена била во затвор без право на кауција.
“Ова е најекстремна, најскандалозна неправда против жена која некогаш сум ја видела”, вели Берта Марија Делеон, една од адвокатите на Кортез. “Државата неколку пати ги наруши правата на Имелда како жртва: таа е длабоко погодена, а ускратена и е и помошта од психолог”.
Во Ел Салвадор абортусот е илегален во сите случаи, а таа пракса довела до агресивно прогонување на жените. Во главно тоа се сиромашни, осамени жителки на руралните средини, осудени на основа на слаби докази по гинеколошки компликации како што се абортус и раѓање на мртви бебиња.
Имелда во болницата била посетена од очувот, кој и се заканувал дека ќе ја убие и неа и нејзината мајка, братот и сестрата ако го пријави. За среќа, друга пациентка го слушнала разговорот и пријавила кај медицинската сестра, која повикала полиција.
Првото нешто што го направил обвинителот било да ја обвини Имелда дека го измислила злоставувањето за да го оправда своето злосторство. Тоа обвинение ќе стои додека ДНК тестот не го докаже татковството. Нејзиниот очув уште не е обвинет.
Судењето на Кортез почнало вчера, а пресудата се очекува за една недела.
Психолошката проценка забележала когнитивен и емоционален дефицит поради злоставување и траума, но и покрај тоа Кортез не добила никаква психолошка поддршка откако била притворена пред осумнаесет месеци.
“Кога ќе помислиш дека ништо посурово не постои во Ел Салвадор, се случува ова со Имелда, што ја покажува целосната решеност на обвинителите да ги прогонуваат сиромашните жени”, вели активистката Пола Авила Гилјен.