Над 445.000 луѓе во Македонија живеат под прагот на сиромаштија
Сиромаштијата во Македонија е на ниво на битка за преживување. Состојбите се загрижувачки, потребите од системски мерки ургентни!
Ново утро, нов ден, нов предизвик, како да се истера крај со крај. Периодов му се „посреќи“ на 50 годишниот Славчо, па брза да замине на работното место. Хонорарно ангажиран во општинската комунална служба денот му поминува главно во работа на терен. Со косилка, метла, или гребло во рака заработува парче леб за себе и своето семејство. Далеку од идеална опција, но во моментов и тоа како добредојдена:
„Десет години откако ја загубив постојаната работа во една шпедитерска компанија немам мир. Немам постојано вработување, работам што ќе стигнам, или што ќе најдам. Едноставно, борба за гол живот. Израснав двајца синови, едниот од нив веќе академски граѓанин, но ме истоштува состојбата со жената која веќе неколку години има здравствен проблем и не може да работи постојана работа“, се жали Славчо.
Главниот проблем на овој човек е што во неговото четиричлено семејство никој нема постојана работа. Чукнал на многу врати но ретко која му се отворила за нешто сигурно и постојано:
„Барам секаде и не бирам работа, но полека ме издава силата. А не се жалам. Кога мораш ништо не е тешко, но заработувачката е многу мала. Колкава ми е сега, дури и ми е срам да кажам. Но тоа е, немам којзнае каква квалификација, па на овие години не можеш да бираш. Најтешко ми е во зимскиот период кога треба да се грее куќава. Но ајде ако има господ барем еден од синовите да се вработи па тогаш малку полесно ќе се дише“, се надева Славчо.
Сиромашни 21,5% од Македонците
Приказната на овој човек за жал не е единствена во Македонија. Помалку или повеќе, неговата судбина ја делат дури 21,5% од населението во Македонија. Или, речиси секој петти Македонец. Според статистичките податоци, дури 445.000 луѓе живеат под прагот на сиромаштија која во Македонија. Од невладиниот сектор алармираат дека состојбите се дотаму што сиромаштијата веќе се третира како битка за преживување. Критикуваат дека клучниот проблем е што на овој феномен се гледа само еднострано, од аспект на пари:
„Сиромаштијата не подразбира само економски недостаток туку и вклученост во општеството, социо културниот живот, искористување на нивниот глас при носењето одлуки. На многу нивоа сме сиромашни, ниту на централно ниту локално луѓето не се вклучени во креирањето на политиките што се однесуваат за нив и нивните потреби. Се зборува само за недостиг на пари за основен живот. Дојдовме до ниво на основен живот. Од сиромаштија до основен живот, а за понатаму не правиме муабет“, велат, од „Македонската платформа против сиромаштија“.
Податоците се поразителни и алармантни ако се има предвид и фактот дека само 18% од населението има канализација, 5,8% од домаќинствата немаат када или туш, 6,9% немаат внатрешен тоалет, 39,7% немаат автомобил, 28,5% немаат компјутер, 12,9% имаат покрив што протекува, влажни ѕидови или искршени и гнили прозорци.
Темелни реформи за намалување на сиромаштијата
Надлежните велат дека се свесни за проблемот и преземаат конкретни активности во насока на развој на економијата и подигнување на животниот стандард на граѓаните. Идејата е преку темелна реформа на системот на социјална заштита да се обезбедат услови за намалување на сиромаштијата под 16% во 2020 година:
„Нашата главна обврска е да излеземе во пресрет на најранливите и најсиромашни граѓани. И тоа не само преку социјални трансфери, туку и со нивно вклучување на пазарот на труд, за да се прекине кругот на сиромаштија од генерација во генерација. Целта е да се обезбеди правилно таргетирање и насочување на социјалните бенефиции кон лицата и семејствата во социјален ризик од сиромаштија и социјална исклученост. Адекватноста и ефикасноста на паричните надоместоци за материјално најзагрозените семејства се планира да се спроведе преку воведување на програма за минимален адекватен приход со која ќе се овозможи семејствата во состојба на социјален ризик да добијат паричен надомест како надополнување на приходот до линијата на сиромаштија. Исто така, предвидено е воведување на семејни пакети и групирање на правата од социјална и детска заштита. Дел од овие трансфери ќе треба да бидат условени со влез на пазарот на трудот за корисниците кои се работоспособни и со зајакнување на нивните работни капацитети“, велат за Радар.мк од министерството за труд и социјална политика.