Никола Груевски ги испразнил сметките уште во септември!

Поранешниот премиер Никола Груевски уште во септември, кога во Собранието држеше прес-конференција и обвинуваше дека е жртва на политички прогон, во периодот кога Апелацискиот суд на јавна седница расправаше за неговите жалби и се очекуваше да донесе конечна одлука дали ќе оди во затвор, си ги подигнал сите пари што ги имал на сметките.

Иако информацијата за подигањето е неофицијална, од Специјалното јавно обвинителство официјално потврдија дека нема што да замрзнат бидејќи Груевски во моментов нема пари и имот на свое име, а неговите банкарски сметки се на нула. Според анкетниот лист на Груевски како пратеник, тогаш тој пријавил трансакциски и девизни сметки, девизни депозити, една кредитна картичка и 33 уметнички слики. На име на неговата сопруга има пријавено една девизна и една денарска сметка.

Пред неколку месеци, повикувајќи се на неофицијални информации, медиумите објавија дека СЈО ги проверува банкарските сметки на поранешните функционери на ВМРО-ДПМНЕ и истражува колку сметки поседуваат во деловните банки во Македонија. Според овие објавени информации, освен личните сметки, СЈО ги проверувало и сметките на роднините на поранешниот премиер, но и на неговиот братучед Сашо Мијалков, кој беше прв човек на Управата за безбедност и контраразузнавање. Се проверувале приливите, плаќањата, но и потеклото на парите што легнале на сметките. Главната обвинителка на Специјалното јавно обвинителство, Катица Јанева, на една од своите прес-конференции соопшти дека Груевски поседува 35 банкарски сметки во шест деловни банки. Според податоците што тогаш ги објави, на 20 денарски сметки имало речиси 10 милиони денари, а на 14 девизни сметки поседувал над 42 илјади евра.

И покрај овие информации дека СЈО ги следело сметките на обвинетите во случаите што ги отворија, од Специјалното јавно обвинителство не добивме одговор зошто не побарале да се замрзнат личниот имот на Груевски и имотот Мијалков и зошто не побарале притвор кога тој ги испразнил сметките. Или барем да сигнализирале дека Груевски можеби се подготвува за бегство празнејќи ги сметките. Најважното прашање за Специјалното јавно обвинителство сега е дали можат да ги истражуваат сметките на обвинетите во странски банки. Сомневањето за вакви сметки се наметна по „бомбите“ што ги објави тогашната опозицијата која обвини дека фирми од Белизе и од Лугано се впишани како сопственици на парцелите на Водно за кои наводно се договараат Груевски и поранешниот министер Миле Јанакиески.

Истражувањата на новинарите покажаа дека голем број поранешни функционери биле сопственици на офшор-компании, а тогашниот портпарол на СДСМ обвинуваше дека токму Сашо Мијалков стои зад контроверзната компанија „Ексико“. Оваа компанија е најуспешната анонимна компанија во Македонија, иако е формирана уште во далечната 2001 година, а сега како нејзин сопственик се води швајцарската „Т и МЈ инвестмент СА“ лоцирана во Лугано. Оваа фирма има само 13 вработени и е дел од истрагата што ја отвори Специјалното јавно обвинителство под кодно име „Империја“. Главен осомничен во оваа истрага е најбогатиот Македонец Орце Камчев, кој заврши во притвор. Во овој предмет обвинет е и поранешниот директор на УБК, но тој засега не е во притвор. Во рамките на овој предмет, судот одзеде дел од имотот на фирмите „Орка холдинг“, „Ексико“ и донесе решенија со кои привремено се запира одливот на паричните средства од банкарските сметки на „Ексико“ и фирмата „Тимох увоз-извоз“. Има ли тука пари и на Груевски, како и удел во замрзнатиот имот на ВМРО ДПМНЕ, така што барем вака ќе се надомести дел од украденото, ќе покаже истрагата. Бидејќи, според доказите на СЈО, произлегува дека осомничените го оштетиле државниот буџет за над 6 милиони евра и биле испрани над 10 милиони евра.

poveke na

https://nezavisen.mk/mk/vesti/2018/11/104707/

 

Translate »