“Лимак Холдинг” официјално го најави современиот мултифункционален комплекс – “Diamond Skopje”

loading...

Светски реномираната компанија со седиште во Турција “Лимак Холдинг”, денес и официјално најави дека започна со интензивни градежни активности на просторот околу Старата железничка станица во Скопје. Добиени се сите неопходни дозволи за градба, завршени се подготвителните активности на проектот, како и активностите во координација со Градот Скопје, општина Центар, и останатите државни институции.

На официјалната прес конференција пред присутните се обрати г. Сердар Баџаксиз, Потпретседател во “Лимак Инвестиции” кој изјави: “Јас сум сигурен дека Diamond Skopje ќе биде новиот центар на градот од сите аспекти, било да се работи за бизнис, за социјализација или за културни настани. Целиот комплекс се надеваме дека ќе донесе нови бизниси, инвеститори и потрошувачи од целиот свет, со што дополнително ќе ги отвориме портите на Македонија кон светот. ”

Од Лимак информираа дека е во тек изведба на подземниот булевар, како и на Лимак хотелот кој е веќе во понапредна фаза, а дека е дефинирана и динамиката за изградба на

мултифункционалниот комплекс, Diamond Skopje


г. Зоран Заев, Премиер на Влада на Р. Македонија, изјави дека: Diamond Skopje од повеќе аспекти ќе го промени нашиот град на подобро. Станува збор за современ мултифункционален комплекс кој ќе обединува деловно – резиденцијални единици, хотелски комплекс и трговски центар во согласност со модерните потреби и навики на граѓаните на Скопје. Го поддржуваме поврзувањето меѓу странските и домашните компании. За економски бенефит, за развој и за подобри услови во остварувањето на бизнисот и на едните и на другите. Потврда на нашите нови, активни и ефикасни политики и политиките на доверба што се наша водилка во соработката, е и стартот на работите на овој мега проект на една реномирана странска компанија каква што е “Лимак Холдинг.“

 

На конференцијата се информираше дека изградбата на подземната улица се планира да биде завршена во период од 22 месеци. Станува збор за модерна подземна улица, налик на европските метрополи која од двете страни ќе биде поврзана со новите кружни текови кои се планираат во овој дел од градот. Двонасочен коловоз во 4 ленти и 2 ленти за трамвај/автобус, со должина од 800 метри, кој ќе го  дислоцира булеварот Македонија под земја и во голема мера ќе придонесе за олеснување на сообраќајниот метеж во Скопје.

Паралелно како што ќе оди напредокот на подземната улица, ќе започне и изградбата на Diamond Skopje. Во комплексот автентично ќе се вклопи и симболот на градот – Старата железничка станица,  денес Музеј на град Скопје,  кој се планира да биде возобновен од градските власти.

Станува збор за уникатен и комплексен проект вреден 250 милиони евра, кој ќе вклучува околу 772 станови во 20-катни згради со по 1, 2 или 3 спални соби, канцеларии, трговски центар, хотел, простор за слободни културни активности ресторани, кафулиња, фитнес центар, казино и паркинг со капацитет за околу 2.800 автомобили. Површината на вкупниот проект ќе биде околу 325.000 квадратни метри.

Diamond Skopje ќе понуди одново заживување на делот од градот што со децении беше неуреден и запоставен, а граѓаните на Скопје дел од градот на кој можат да бидат горди.

 

 

Translate »