Нема опасност од појава на вирусот „мајмунски сипаници“ во Македонија, прочитајте кои се симптомите

Во моментов нема опасност од појава на вирусот „мајмунски сипаници“ во Македонија, информираат од Министерството за здравство.

Посочуваат дека во континуитет преку Комисијата за заразни болести ја следат состојбата со заразни болести во државата, а секако и актуелните случувања со мајмунска сипаница во регионот и држави од Западна Европа.

Членовите кои се во оваа Комисија, вклучувајќи претставници од Клиниката за инфективни заболувања, Институтот за јавно здравје, Државниот здравствен и санитарен инспекторат, како и останатите стручни институции, се во постојана координација и во моментов нема ризик од ова заболување.  Сепак, институциите се подготвени за соодветна нега во случај на заболени лица, посочуваат од Министерството.

Месецов се регистрирани првите два случаи на „мајмунски сипаници“ кај луѓето, пријавени во Европската унија односно во Обединетото Кралство. Двата случаи не се поврзани меѓусебно, но и двата имаат неодамнешна историја на патување во Нигерија. Од 17 септември, досега, во земјите на ЕУ не се пријавени нови случаи.

„Мајмунските сипаници“ се ретка вирусна болест која на луѓето се пренесува од животни која и се јавува првенствено во делови на Централна и Западна Африка, во близина на тропските дождовни шуми.

Болеста е слична со големата сипаница, има поблага клиничка форма, но сепак може да заврши со смртен исход. Периодот на инкубација е вообичаено од шест до 16 дена, но може да варира од пет до 21 ден, зависно од патот на трансмисија и начинот на експозиција.

Почетните симптоми вклучуваат треска и зголемување на лимфните јазли, проследени со ситно-зрнест исип кој минува низ неколку фази. Болеста е најчесто само-ограничувачка, а заболените се опоравуваат за неколку недели (најчесто 14-21 ден). Во некои случаи може да се појави во тешка форма, особено кај лица кои имаат едно или повеќе хронични заболувања или нарушување на имунитетот од различни причини.

Translate »