Селфи фотографија го спаси од 99 години затворска казна: Лажно бил обвинет, па се сетил на еден неверојатен детал

Кристофер Прекопиа во септември минатата година бил уапсен, но не знаел зошто. Тој бил обвинет дека брутално ја нападнал неговата поранешна девојка.

Жртвата тврдела дека Кристофер, на кого му била девојка во средно училиште, провалил во нејзината куќа во Темпл, град во американската сојузна држава Тексас на 20-ти септември 2017-та година и со нож врежал „Х“ на нејзините гради. За тоа злосторство на Кристофер му се заканувала затворска казна од 99 години.

„Немав поим зошто сето тоа се случува, без изгубен“, раскажува тој, додавајќи дека бил однесен во затвор каде што му била одредена кауција од 150 илјади долари.

Кристофер и неговите родители не знаеле што да прават, знаеле само дека тој е невин. А, потоа, тој се сетил на моментот кога полицијата му го соопштила датумот на нападот и Кристофер сфатил дека тогаш бил на пат во Џорџтаун, околу 100 километри од градот Темпл каде што живеела неговата поранешна девојка. Вечерта кога наводно се случил нападот, тој бил со својата мајка Ерин во хотел.

„Помислив дека тоа е одлично. Со Божја милост таа рече дека тоа се случило на ден за кој јас можам целосно, со 100% сигурност да кажам каде беше тој“, раскажува Ерин.

Со него таа вечер имало уште неколку лица кои што сведочеле дека биле со Кристофер. Но, најголем доказ од се била селфи фотографијата која што веселото друштво ја објавило на социјалната мрежа Фејсбук, со точно време и потврдена гео-локација. Кристофер имал непобитен доказ, па бил ослободен девет месеци после апсењето.

„Во најголемиот дел од времето работиме во сива зона. Работите обично не се црни или бели. Но, ова е еден од случаите кога можам непобитно да докажам дека осомничениот не сторил прекршок“, изјави неговиот адвокат , Рик Флорс.

Американската јавност сепак се прашува зошто Кристофер бил уапсен и дали полицијата воопшто спровела истрага. Тој сега е подготвен да продолжи понатаму, после повеќе од една година.

„Подготвен сум да го живеам мојот живот како што јас тоа го сакам, без да се грижам дека нешто вакво може да се повтори и да ме повреди“, раскажал тој за американските медиуми.

Засега не е познато што се случува со неговата поранешна девојка, зошто го обвинила Кристофер и кој и дали навистина некој ја нападнал.

Translate »