Села: Одредени претседатели на партии знаеле што ќе се случува во собранието
Одредени претседатели на политички партии најверојатно знаеле што ќе се случува во Собранието на 27 април, 2017 и затоа не беа присутни, рече пратеникот Зијадин Села денеска додека сведочеше во Кривичниот суд за настаните во Собранието од 27 април минатата година. Тој вели дека не може да тврди со сигурност, но дека најверојатно знеле и најверојатно биле организатори, притоа како што рече не зборува само за еден човек, туку за неколку претседатели кои не биле присутни во Собранието на 27 април. По сведочењето, Села одговарајќи на новинарски прашања за тоа дали кога вели „одредени претседатели на партии“, мисли на Али Ахмети и на Никола Груевски, Села рече дека е симптоматично тоа што министерот за внатрешни работи ништо не знаел, а Ахмети не бил присутен. А што се однесува до Груевски, Села вели дека тој најверојатно треба да е во целава организација околу настаните од 27 април.
„Дали има докази – нема докази и по логика на нештата тоа така излегува“, рече Села.
Села зборуваше и за обвинетиот Абдулфета Алими, кој, како што рече пратеникот, му рекол дека додека е жив ќе го штити. Адвокатката на Алими, Кристина Маневска, го праша што чувствува за Алими, а Села рече дека Алими е заслужен што тој е жив. Села вели дека му е должник.
Наредното рочиште е закажано за в четврток.