Видео: Инцидент на блокадите: Советник на СЈО „се судри“ со демонстрантите од „Македонија блокира“
Жестока вербална расправија, пцости и полициска интервенција за да се спречи ескалација на агресијата во физичка пресметка. Советникот на СЈО Александар Тортевски во намерата со своето ауди да помине преку блокадата на уредно пријавениот протест пред Собранието, се судри со насобраните граѓани, а целиот инцидент изобилуваше со непримерни и грди зборови, довикувања и закани.
Членовите на „Македонија блокира“ велат дека адвокатот Тортевски сакал со автомобилот да мине крај нив, а кога не му дозволиле се заканил дека ќе ги прегази, на што тие жестоко реагирале. Според други информации Тортевски бил нападнат без причина. Вистината не може да се утврди врз база на аматерската видео снимка, иако вербалните канонади од двете страни во моментот на најголемата тензија зборуваат доволно самите за себе.
За среќа скандалот пред Црвен крст каде вообичаено стојат граѓаните кои се противат на уставните измени, не прерасна во тепачка, бидејќи интервенираше полицијата. Од „Македонија блокира“ го осудија инцидентот и побараа власта да престане да ги провоцира луѓето кои го остваруваат своето право на протест.