Заев и Ципрас ќе бидат предложени за Нобелова награда за мир
Премиерите на Македонија и на Грција Зоран Заев и Алексис Ципрас ќе бодат предложени за Нобелова награда за мир за 2019 година за Договорот од Преспа, со кој се надминува деценискиот спор за името. Номинирањето на Заев и Ципрас утре во Скопје ќе ја објави добитничката на Нобеловата награда за мир во 2015 година, Уидед Бушамауи. Церемонијата за номинација за Нобеловата награда за мир 2019 ќе се одржи на Универзитет ФОН, каде во март годинава Бушамауи ја доби титулата почесен професор.
„Договорот од Преспа, во кој потписниците и медијаторите вложија огромна енергија, го гледам како исклучително значаен процес кој заслужува да биде номиниран за Нобеловата награда за мир. И Генералниот секретар на ОН Гутереш, деновиве повторно го истакна тој договор како пример кој може да биде модел за решавање на проблемите во светот“, вели Бушамауи.
На денешната средба со претседателот на Собранието Талат Џафери, Бушамауи изрази поддршка за мирот, стабилноста и безбедноста и ги поздрави напорите на двете страни за избегнување на конфликти и за изнаоѓање мирно решение на отворените прашања, покажувајќи на тој начин дека проблемите можат да се решаваат преку дијалог.