ВИДЕО: Пазарџиите против новиот закон за пазари
Не стивнуваат острите негодувања против новиот закон за пазари кој треба да стартува за десетина дена.
Со примената на новиот закон практично од тезгите на кои со години продавале ќе се исфрлат надвор од пазарите сите пензионери, социјалци, стечајци или оние кои имаат некаков прилив по однос на некаков хонорар. Според новиот закон сите овие категории на лица нема да можат да добијат лиценца а без лиценца не смее да добијат ни тезга на било кој од зелените пазари низ државата. Тезгаџиите кои се директно засегнати од новите законски решенија а кои според проценките на организаторите на пазарите се дури една третина од сите што држат тезги, предупредуваат дека со ова само повеќе ќе се зголеми сивата економија и продажбата надвор од пазарите за да се обезбеди некаква егзистенција.
Со барање за одложување на законот додека да се испеглаат овие проблематични делови излегоа и од комората на пазари кои на средба аргументирано ќе му ги образложат сите свои забелешки кои сметаат дека треба да се изменат, но министерот за економија Бектеши вчера изјави дека примената на законот нема да се одложи бидејќи нема време во собранието до нова година да поминат било какви евентуални измени.
Со остра реакција за новиот закон се огласија и од Левица кои законот го оценија како срамен, неуставен и скандалозен насочен против класните интереси на најсиромашниот слој на населението . Според нив крајно дискриминирачки е да се забрани пензионери, социјалци , стечајци и хонорарци да можат во исто време да бидат и тезгаџии додека не е спорно едни исти луѓе да бидат членови во повеќе управни и надзорни одбори по партиска линија.