ДЕМОГРАФСКИ НАЈЛОША ГОДИНА: Бројот на новородени во Македонија падна под 20.000

Во 2019 година опаднал наталитетот во Македонија, а родени се помалку од 20.000 деца, што е најмала бројка за период од скоро две децении.

Според податоците на Државниот завод за статистика, лани се родени вкупно 19.986 деца, од кои живородени деца се 19.845, a 141 e мртвородено дете. Бројот на живородените деца во 2019 година, во споредба со една година претходно, е намален за 7 отсто. Според месецот на раѓање, најголем број раѓања, 1.851, е регистрирано во месец јули.

Погодени се повеќето македонски градови, а во руралните општини бројот на родени деца е сосема мал. Паѓа во очи тоа што град како Битола со квартали наназад има повеќе починати отколку родени.

Александар Стерјовски, градски хроничар од Битола, автор на неколку книги, вели дека веќе се забележува дека млади има сѐ помалку. Работејќи на една од своите книги за градбите во Битола, раскажува дека наишол на многу станови, живеалишта кои се празни. Смета дека за десет години состојбата во Македонија ќе биде многу полоша. Лошата демографска слика ќе доведе до тоа многу места да бидат запустени, а многу училишта затворени.

„Тоа е сечење на стеблото на кое седиме. Има повеќе фактори кои доведоа до ова. Прво, иселувањето, а потоа фактот дека младите не размислуваат за многудетни семејства. Друг фактор е економскиот, и тоа што работа тешко се наоѓа, а платите се многу ниски. Луѓето се загрижени затоа што наталитетот паѓа. Не ни сакам да мислам што ќе се случи со Македонија за 10 години. Јас сум патувал низ Бугарија, и таму ја имаат истата болка, и тие слики се тажни. Не посакувам, но мислам дека тоа ќе се случи и кај нас, цели населени места да бидат празни“, вели Стерјовски.

Но, лоша е состојбата и во источниот дел од државата.

„Иселувањето е фактор број еден, а наталитетот е слаб затоа што жените кои се во репродуктивна фаза се заминати во странство. Во текот на годината се случува по неколку деца да се иселат со родителите во странство, да се испишат од училиште“, рече Лилјана Поленовска, социолог од Берово.

Според возраста на мајката, најголемо учество, односно 33.9 отсто се живородени деца од мајки на возраст од 25 до 29 години.

Просечната возраст на мајката при вкупниот број раѓања е 29.2 години, а 27.5 години кај првите раѓања.

Генерациската година на раѓање на мајката која се појавува како најфреквентна при раѓањето на детето е 1991 година.

Во 2019 година се регистрирани 16 живородени деца од мајки на возраст под 15 години.

Бројот на вонбрачните живородени деца е 2.454 или 13.4 отсто од вкупниот број на живородените деца се вонбрачни.

Наталитетот опаѓа по 2000 година кога се родени 26.168 деца, а за споредба во 1994 година во Македонија се родени 31.421 дете.

Izvor – Faktor.mk

Сања Атанасовска

Translate »