Германија: Наградуван новинар воодушевувал со своите статии, а потоа е откриено дека ги измислувал со години
Германскиот неделник “Spiegel” открил дека еден од нивните најпризнаени новинари, Клас Релотиус, ги лажирал своите приказни и ги измислувал своите извори во неколку наврати.
Измамата била откриена во самата редакција.
Скандалозното откритие го шокирало медиумскиот свет, посебно што Релотиус добил повеќе награди за своето истражувачко новинарство, вклучувајќи ја наградата на CNN за новинар на годината во 2014-та. Последната награда ја добил минатиот месец – германската “Reporterpreis”, иста така за новинар на годината.
“Spiegel” во печатено и он-лајн издание објавил речиси 60 негови статии од 2011-та година. Сомнежите се појавиле по објавата на една негова статија во ноември 2018-та.
Релотиус признал дека ги измислил приказните и ги искривил фактите во неколку случаи. Според неговата верзија, најмалку 14 статии во барем еден дел биле лажни.
Признал и дека никогаш не запознал одредени извори кои ги навел во своите статии.
Статијата која го вдлабочила сомнежот била репортажа за мигрантската криза на мексиканско-американската граница. Колегата на Релотиус, кој со него работел на статијата, Хуан Морено, ги пронашол двата извори кои Германецот опширно ги цитирал во статијата.
Тие му рекле дека никогаш не го запознале Релотиус, ниту му давале некакви изјави.
Со интерна истрага било утврдено дека новинарот исто така лажел дека видео со рака напишан знак – “Мексиканци, останете надвор”.
Другите лажирани статии кои биле откриени се занимавале, меѓу другото, со јеменскиот затвореник во Гвантанамо и американскиот фудбалер кој протестирал против полициското насилство над црнците, клечејќи за време на изведување на химната пред натпреварите, Колин Каперник.
Пред да се вработи во “Spiegel”, осомничениот новинар работел и за неколку други медиумски куќи и добивал награди за својата работа.
“Го злоупотребил својот талент”, навел “Die Velt”, весник за кој работел претходно.