Ељиф Елмас за 15 милиони евра оди во Лацио! Дали Борусија Дортмунд ќе понуди повеќе?
Иако беше еден од најголемите фаворити за титулата во турската Суперлига, екипата на Фенербахче по половина сезона се соочува со неочекувана криза, како резултатска, така и финансиска.
Токму заради големите проблеми кои го тресат турскиот гигант, тамошните медиуми пишуваат дека раководството на клубот е приморано овој јануари да се ослободи од неколку свои ѕвезди, меѓу кои се најде и нашиот репрезентативец, Ељиф Елмас.
Ваквите тврдење на турските медиуми ги потврди и угледниот „Кориеле дело Спорт“. Италијанците откриваат дека Лацио веќе испратил понуда од 15 милиони евра за 19-годишниот Елмас, сума која најверојатно ќе биде прифатена од Фенербахче и младиот бисер од јануари ќе го носи дресот на римскиот тим. Доколку се реализира овој трансфер, поранешниот играч за врска на Работнички, ќе стане најскапиот македонски фудбалер во историјата.
За разлика од ланската, во оваа сезона Елмас е еден од клучните играчи на Фенер, игра во фантастична форма, па благодарение на тоа, секојдневно пристигнуваат понуди за неговите услуги. Покрај Лацио, оваа зима сериозен интерес пројавил и тимот на Борусија Дортмунд, но Елмас е поблиску до Лацио, каде своевремено настапуваше и нашиот најдобар фудбалер Горан Пандев (2004-2010).