ВМРО-ДПМНЕ поднесе интерпелација за Оливер Спасовски

(META) 

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ денеска во Собранието на Република Македонија ќе поднесат интерпелација за работата на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, информираше на прес-конференција, координаторот на пратеничката група, Никола Мицевски

Според опозициската партија, Спасовски во изминатиот период покажал и докажал дека функцијата министер за внатрешни работи ја извршува крајно несовесно, нестручно, селективно и по насока на врвот на неговата политичка партија, а спротивно на Уставот и законите во Република Македонија.

-Граѓаните секојдневно се сведоци на скандали и афери поврзани со работата на министерството за внатрешни работи. Наместо да се грижи за јавниот ред и мир и да ја гарантира безбедноста на граѓаните, главна задача на министерството за внатрешни работи стана прикривањето на убиства и криминал. МВР и наместо да се бори со криминалот и корупцијата, стана институција која служи за собирање изнуда, поткуп и заштита на криминалот. Откако министерот Спасовски започна да раководи со министерството за внатрешни работи граѓаните секојдневно се жртви на грабежи, обиди за убиства, убиства, рекетирања и насилства кои минуваат неказнето – вели Мицевски.

Тој додаде дека интерпелацијата ја поднесуваат со цел да ги заштитат граѓаните, но и да спречат состојбата во МВР да се влоши.

На новинарско прашање дали во интерпелацијата е ставено и бегството во Унгарија на осудениот експремиер Никола Груевски, Мицевски рече дека ќе почекаат на извештајот на институциите за бегството.

Translate »