Исплатата на К-15 е задолжителна и не помала од 40 отсто од платата, потсетува Хелсиншки
Исплатата на регресот за годишен одмор е задолжителнa и не постои можност работодавачот да не исплати регрес за годишен одмор поради потешкотии во работењето. Работниците имаат право на регрес за годишен одмор во висина од најмалку 40 отсто од основицата, под услов работникот да работел најмалку 6 месеци во календарската година кај ист работодавач, наведува македонскиот Хелсиншки комитет за човекови права во својот денешен апел.
„Во изминатите две години Хелсиншкиот комитет за човекови права регистрираше голем број случаи во кои работодавачите на своите вработени не им исплатија или пак им исплатија многу низок износ на регрес за годишен одмор (К-15). Најчесто стануваше збор за исплата на регрес за годишен одмор во висина од 500 и 1.000 денари, а голем број на работнички кои користеле породилно отсуство беа лишени од правото на регрес за годишен одмор и истиот не им беше исплатен, спротивно на одредбите од Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството“, нагласува Хелсиншкиот комитет .
Во апелот се наведува дека регрес во помал износ од утврдениот може да се одреди само кај работодавачите кај кои настанале тешкотии во работењето, ценејќи ја економско финансиската состојба на работодавачот, по задолжителна претходна консултација на ниво на гранка односно оддел, со спогодба потпишана од работодавачот и репрезентативната синдикална организација.
Организацијата потсетува и дека К-15 се исплаќа до крајот на
календарската година на сите работници кои 6 месеци работеле кај ист
работодавач, но не е задолжително тој период да бил непрекинат.
Право на регрес за годишен одмор имаат и работничките кои користеле породилно отсуство, нагласува Комитетот.
„Поради трендот на исплата на регрес за годишен одмор во многу мал и незначителен износ, апелираме дека ќе ја следиме ситуацијата со исплата на регрес за годишен одмор особено кај оние работодавачи кои сега ќе се обидат да исплатат регрес за годишен одмор во мал и незначителен износ поради тешкотии во работењето, ценејќи ја економско финансиската состојба на работодавачот ќе бараме од сите надлежни институции да извршат надзор со цел за да се утврди дали работодавачот навистина се соочува со финансиски во работењето, односно дали е возможно работодавачот континуирано да има зголемен обем на работа, а истовремено да се соочува со финансиски потешкотии, па како резултат на тоа да исплаќа регрес за годишен одмор во износ помал од утврдената основица“, наведува Хелсиншкиот комитет и ги повикува сите синдикални организации будно да ја следат состојбата, а Државниот инспекторат за труд да врши засилен мониторинг.