Итар Пејо и стариот арамија

Некој си прочуен арамија слушнал за итроштините на Пеја итроманецот и решил да го испроба во својот – арамискиот занает.
Го нашол еден ден во чаршија и му предложил да го научи да краде. -Добро, -му одговорил Пејо, мислејќи си во себе дека не е лошо човек да знае нешто повеќе, и тргнал со арамијата. Подкраднале што подкраднале ситни работи по чаршијата, отишле и во село. И тука украле по некое јагне, јаре, кокошка, јајца и арамијата видел дека ќе го бидува Пеја и за оваа работа, решил да го подложи на најзрел испит па му рекол: -Знајш што Пејо.Ти го испече донекаде мојот занает , но денеска треба уште нешто да ти кажам и да те испробам , па ако излезеш и тука како што треба, ќе ти дадам диплома од занаетот .Ене ондека на врбана има страчкино седело, во него има јајца на кои лежи страчката. Гледај ти како ќе ги украдам јајцата, а да не сети страчката и да летне. -И се качи стариот арамија, го продупил седелото одоздола и ги украл сите јајца на страчката без да го забележи и да летне. Арно ама, во тоа време Пејо се качил по него. Дури арамијата занесен во кражбата, Пејо му ги одврзал бечвите и полека му ги избутнал , та слегол и ги скрил во трњето крај врбата. Кога слегол арамијата и се видел без бечви, му ја подал раката на Пеја и му рекол: -дај ми ги, Пејо бечвите и оди ми си со здравје. Го положи и овој испит одлично. Така Пејо добил уште еден занает, но никогаш со него не се користел зашто не бил арамија по душа.
Translate »