Грците и Македонците им ги поскапеа старите автомобили на Бугарите

Поради големиот интерес на Грците и Македонците за поеколошки користени автомобили, на автоплацевите во бугарскиот град Дупница, тие стануваат сè поскапи и понедостапни за Бугарите што не може да си дозволат нов автомобил, а сакаат посочуван автомобил на старо со повисока еколошка класа, јавува Бугарската национална телевизија (БНТ).

Поради повисоките даноци за старите автомобили, кои на почетокот на годинава стапија на сила во Бугарија, пак, сè поголем е интересот за купување нови автомобили за сметка за старите, што ги загрижува продавачите на користени автомобили увезени од странство.

Постарите и „повалкани“ увезени автомобили остануваат за помалку имотните Бугари, но и тие не среќни со таквиот избор, бидејќи од 1 јануари годинава даноците за автомобилите што повеќе загадуваат се покачија за отприлика 30 отсто.

Причината за напливот на Грци и Македонци на автоплацевите во Дупница, која важи за своевидна „мека“ за увезени автомобили е што цените таму се пониски отколку во Грција и Македонија.

– Бараат од 2005-2006 година, со евро 4 и евро 5, такви коли се бараат. Постарите се за Бугарите кои сакаат поевтини коли – вели за БНТ продавачот Стојчо Стојчов.

Но, оние Бугари што сакаат поеколошки користен автомобил се соочуваат со поскапување предизвикано поради големиот интерес од Грците и Македонците.

– Барам за околу 3.000 лева, тие бараат околу 4.000 лева, значи поскапувањето е за околу 1.000 лева, и тоа го објаснувам со интересот на Грците – објаснува Бугаринот Борис Крушевски.

Продавачите на увезени автомобили велат дека речиси и не се бараат возила со дизел мотори, а интересот е за бензинци. Затоа и најголемиот број автомобили што се увезуваат се бензинци, велат трговците со автомобили.

Бугарскиот парламент на 7 ноември минатата година ги донесе долгонајавуваните измени, со кои се воведува повисок данок за старите автомобили и камионети со вкупна тежина до три и пол тони кои многу загадуваат.

Со измените се воведе нов принцип на определување на годишниот данок, преку две компоненти – моќноста на моторот и годината на автомобилот од една страна и еколошката компонента, која ќе биде дефинирана од општинските совети во зависност од еколошката категорија на автомобилот.

Токму втората, еколошката компонента, носи даночно олеснување за автомобилите со стандард Евро 4 или повисок, а поголеми издатоци за оние од пониските Евро стандарди или кои воопшто не влегуваат во оваа категоризација.

И Македонија воведува нови мерки, со кои ќе се воведат еколошки налепници за автомобилите и потоа при енормно загадување на воздухот ќе го ограничува движењето на возилата што повеќе загадуваат. Но начинот на кој се планира тоа да се прави е критикуван од експертите и екологистите.

Translate »